Панел-дискусија во Крива Паланка: „Жената – чувар и двигател на културниот идентитет“
- Креативната, интелектуална и општествена сила на жената беа тема на панел-дискусијата што се одржа во просториите на библиотеката „Кочо Рацин" во Крива Паланка, во организација на на Општина Крива Паланка и Национална установа Центар за култура Крива Паланка.
Крива Паланка, 6 март 2026 (МИА) - Креативната, интелектуална и општествена сила на жената беа тема на панел-дискусијата што се одржа во просториите на библиотеката „Кочо Рацин" во Крива Паланка, во организација на на Општина Крива Паланка и Национална установа Центар за култура Крива Паланка.
Панел-дискусијата беше насловена „Жената – чувар и двигател на културниот идентитет“, а панелистките презентираа инспиративни приказни под слоганот „Жената создава“.
На настанот говореа Гордана Ристовска, координаторка за еднакви можности при Општина Крива Паланка, Вања Јакимовска, координатор на секторот за ликовни дејности при НУЦК Крива Паланка, Габриела Стојановска, професорка по македонски јазик и е-твининг амбасадор, како и професорката по француски јазик и амбасадор на францускиот јазик во Македонија, Елена Николовска, двете од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“, како и Верче Цветановска, креативец и сликар-наивец.
-Мотото „Жената создава" не е само порака, тоа е факт. Жената создава живот, создава вредности, јазик, уметност, создава традиција но и визија за иднината. Таа е истовремено чувар на културното наследство но и храбар двигател на нови вредности и современи изрази. Преку зборот, на сцената,преку бојата, образованието, жената ја обликува културната свест на заедницата, рече Ристовска, координаторката за еднакви можности во Општина Крива Паланка и иницијатор за реализација на дискусијата.
Настанот се одржа во пријатна, креативна и релаксирана атмосфера, беа споделени импресивни размисли и искуства на говорниците, кои ја истакнаа круцијалната улога на жената како носител на традицијата, културата и општествените вредности.
-Денешната дискусија нѐ потсети дека културниот идентитет не е нешто што го наследуваме пасивно, туку истиот се создава,негува и развива постојано, секојдневно, се во тој процес улогата на жената е суштинска, додаде Ристовска.
Настанот беше збогатен со мини-изложба, поетско читање за жената и мини-драма во изведба на жени од Дневниот центарот за активно стареење при ОО Црвен Крст Крива Паланка. ид/дма/
Фото: МИА