• Tuesday, 03 March 2026

Отворен туристичко културно-информативниот центар во Делчево

Отворен туристичко културно-информативниот центар во Делчево

Делчево, 2 март 2026 (МИА) - Во најфреквентниот дел од градот, кај Градското кино, официјално започна со работа новиот Туристички културно-информативен центар во Делчево. Како што информираше градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски станува збор за проект кој има за цел на едно место да ги обедини и афирмира сите туристички и културни потенцијали на општината.

Градоначалникот истакна дека овој центар претставува значаен исчекор кон зголемување на локалниот економски развој и подигање на препознатливоста на Делчево во локални, регионални, национални и меѓународни рамки.

-Проектот е реализиран од Општина Делчево во соработка со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Министерство за дигитална трансформација, со цел воспоставување репрезентативна база на туристички потенцијали. Истите ќе бидат дел од атрактивно структурирани туристички производи што ќе им бидат ставени на располагање на домашни и меѓународни тур-оператори, истакна Гоцевски, кој нагласи дека имплементацијата на предвидените активности подразбира интердисциплинарна соработка меѓу локалните институции, бизнис секторот, граѓанските организации и туристичките агенции, со што ќе се создадат услови за континуиран развој и промоција на општината.

Во рамки на центарот ќе профункционира и дигитална платформа за промоција и афирмација на Делчево, а предвидена е и продукција на повеќе промотивни материјали и активности насочени кон домашната и меѓународната јавност.

-Покрај туристичката функција, центарот ќе биде и инфо-точка за локалните уметници, изработувачи на ракотворби, музичари и културни изведувачи – место кое ќе стане центар на гравитација за сè она што Делчево го нуди како автентична, гостопримлива и креативна средина, додадоа од делчевскиот Центар за култура.

Со отворањето на овој Туристички културно-информативен центар, како што додадоа оттаму Делчево добива ново, репрезентативно катче кое ќе ги претстави неговите вредности пред пошироката јавност и ќе ја зацврсти позицијата на општината на туристичката мапа. вс/

Фото: МИА

You May Also Like