Отворена изложбата „Асфиксија“ на Драган Божино во Велес
- Во Ликовниот салон при Народниот музеј во Велес синоќа беше отворена изложбата „Асфиксија“ составена од 33 уметнички слики од Драган Божино, направена од РМ 10 честичките на загадениот воздух што секојдневно го вдишуваме. Во склоп на изложбата снимено е и се прикажува промотивно видео за тоа како се создадени сликите.
Велес, 15 април 2026 (МИА) - Во Ликовниот салон при Народниот музеј во Велес синоќа беше отворена изложбата „Асфиксија“ составена од 33 уметнички слики од Драган Божино, направена од РМ 10 честичките на загадениот воздух што секојдневно го вдишуваме. Во склоп на изложбата снимено е и се прикажува промотивно видео за тоа како се создадени сликите.
Како што појасни авторот за МИА, изложбата е насловена „Асфиксија“ што значи процес кога телото не добива доволно кислород, поради што доаѓа до оштетување на белите дробови што е последица на РМ 10 честичките од кои се направени и сликите. Затоа и платната во позадина се бели со што се претставени белите дробови. На сликите се нацртани портрети на луѓе кои немаат уста од што е видлива пораката - дека сите ние гледаме што се случува, дишиме загаден воздух, а сите молчиме и сме тивки и не преземаме акција на оваа тема.
Инаку портретите на белото платно се насликани со РМ 10 честички собрани од прочистувач на воздух Аеро С, поставен во Општина Центар во Скопје од иноваторот Ивица Поцков.
-Заедно со него сакавме да направиме нешто што ќе направи големо освестување на луѓето кои живеат во Македонија и пошироко да знаат во каква ситуација се наоѓаме и дека како земја сме меѓу Топ 5 листата на најзагадени држави на светот. Поради тоа сакав да направам нешто што ќе донесе освестување кај народот да видат визуелно со што навистина се борат нашите бели дробови, појасни Божино.
Тој вели дека е задоволен од тоа колку посетители имаше на изложбата во Велес, како и на промоцијата во Скопје, а потоа и во Крива Паланка.
Порача дека се надева дека пораките од изложбата ќе допрат до надлежните и луѓето и тие ќе преземат акција за почист воздух и дека во иднина ќе има се помалку материјал за да изработува вакви слики.
Планира по Велес изложбата да ја претстави и во другите градови во земјава и странство.
Инаку Драган Божино, кој е графички дизајнер, досега имал над 15 самостојни изложби во земјава и странство. Учествувал ина повеќе групни изложби и добил повеќе награди.ад/вј/
Фото: МИА