Балетот „Жизел“ на сцената на Македонската опера и балет
- „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.
Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - На сцената на Македонската опера и балет вечерва ќе биде изведен балетот „Жизел“ од Адолф Адам. Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), а кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска).
Во насловната улога Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, во улогата на Алберт - Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион - Бобан Ковачевски заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.
„Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.
Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот бел чин - еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика. мч/ев/
фото: МОБ