• Friday, 13 March 2026

Мицкоски: Не постои проблем кој во дијалог и искрени разговори и договори не може да биде решен, од Македонија која коленичеше, сега станавме фактор на стабилност

Мицкоски: Не постои проблем кој во дијалог и искрени разговори и договори не може да биде решен, од Македонија која коленичеше, сега станавме фактор на стабилност

Скопје, 13 март 2026 (МИА) - Не постои проблем кој во дијалог и искрени разговори и договори не може да биде решен, што е случај и фер однесувањето на трговците во земјата во последниот период - вели премиерот Христијан Мицкоски.

- Јас не би се изразил толку строго со реториката во делот на покажување мускули или покажување сила од страна на државата. Мислам дека преку еден конструктивен дијалог не постои проблем што нема да биде решен, како и сите досегашни проблеми. На таков начин, од онаа Македонија што пред некоја година коленичеше и правеше естрада кога добиваше донација од 5.000 вакцини против ковидот, сега станавме држава која во регионот е фактор на стабилност, која помага на соседите - рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали фер однесувањето на трговците во последниот период е резултат на тоа што државата „покажала мускули“ кон нив.

Потсети дека државата се движи напред како резултат на такви договори и разговори и затоа може да биде фактор на стабилност во регионот, дури и да им нуди и помош на соседите.

- Така беше и за време за онаа енергетска криза кај нашиот северен сосед кога неколку стотици илјади граѓани таму останаа без електрична енергија, македонската армија испрати екипи и донира агрегати и во текот на зимата кога тоа им беше потребно на граѓаните на соседната држава ние помогнавме. Исто така, и сега кога се евакуираа нашите граѓани од подрачјата во Заливот, каде што има воени активности, покрај македонските граѓани, приближно 380, кои побараа транспорт во делот на земјите од Заливот - ОАЕ, Кувајт, Катар, Бахреин, Оман, Саудиска Арабија и други, имаме и 80 граѓани од соседните земји. Тука, пред сѐ, мислам на Албанија, Косово, Србија, БиХ, Грција итн., па сѐ до фактот што овој понеделник е забележан историски највисок пик на дотур на нафта и нафтени деривати на корисници. Бројката што ќе ја кажам, можеби ќе погрешам, но станува збор за речиси 2 милиона литри дневна потрошувачка. Тоа значи дека не само македонските граѓани туку и од соседните држави доаѓаат кај нас да полнат гориво, без разлика дали е тоа нафта или бензин. Што значи дека кога се сака, сѐ може и кога се има план и идеја и желба, сѐ може да се направи - рече Мицкоски во одговор на нивинарско прашање по посетата на Кочани.

Потенцира дека како Влада даваат сѐ од себе да работат на подобрување на економијата и подобрување на животот на граѓаните.

- Има многу работи што треба да се направат. За жал, тоа се децениски проблеми, но ресурсите се ограничени и работиме врз основа на приоритети, ги решаваме проблемите, не ги ставаме под тепих, не сме Влада што констатира проблеми, туку Влада што констатира, или да се изразам медицински, прави анамнеза и потоа нуди решенија - истакна премиерот Мицкоски. сст/паг/

Фото Влада


 

You May Also Like