Македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија, порачува МАЕИ
- -За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација. Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити, се наведува во честитката.
Дебар, 20 февруари 2026 (МИА) - Во пресрет на 21 февруари Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, единствената партија на Македонците во Албанија, порачува дека „македонскиот јазик е богатство на културата и идентитетот на македонската заедница во Албанија".
Честитајќи го денот додава дека преземајќи активности за заштита на мајчините јазици, можеме да обезбедиме секоја култура да не го изгуби својот идентитет и да го зачува своето културно богатство.
-За македонската заедница во Албанија е важно да има можност да го изучува, да го студира и да го користи мајчиниот јазик без дискриминација. Важно е да се напомене дека мајчиниот јазик е многу повеќе од средство за комуникација. Тој го претставува идентитетот и културата на еден народ и е богатство кое мора да се чува и заштити, се наведува во честитката.
Во овој контекст, оценува партијата, заштитата и употребата на јазикот на една заедница, како што е македонската во Албанија, е многу поголем предизвик.
-Дискриминацијата и непочитувањето на мајчиниот јазик може да доведе до негово губење. Во оваа точка државата и јавните институции имаат суштинска улога во заштитата и унапредувањето на мајчиниот јазик. Ова може да вклучува употреба на јазикот на заедниците во официјалните документи, во сите нивоа на образованието, во локалните и националните медиуми, како и финансиска поддршка за иницијативите и организациите кои работат на зачувување и промовирање на нивниот јазик, се нагласува понатаму.
Се посочува дека освен тоа „и ние како поединци можеме да направиме промена ценејќи го и користејќи го нашиот мајчин јазик“.
Образложува дека во Албанија живеат над 100 илјади Македонци, а македонскиот јазик се зборува во областа на Преспа (има настава на македонскиот јазик во училиштата), во областа Голо Брдо (имало настава на македонски јазик во годините 1945-1948), во областа Гора, во селото Врбник, областа Девол (настава на македонски јазик имало до 2014 година) како и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Подградец, Корча, Билишта и други градови. вт/ац/
Фото: МАЕИ