Куп на Македонија во женска кошарка: Прес-конференција во Македонска Каменица пред финалниот турнир
- Градоначалничката Соња Стаменковска и претставниците на полуфиналните екипи со пораки за успешна организација и фер натпревари пред дуелите Баскет Кам 2011 – МЗТ Бела Вода и Крива Паланка – Бадел 1862
Македонска Каменица, 20 февруари 2025 (МИА) - Денеска во Македонска Каменица се одржа прес-конференција по повод претстојниот финален турнир од Купот на Македонија во женска кошарка „Благоја Георгиевски-Буштур“, кој викендов ќе се игра во овој град.
На настанот се обрати градоначалничката Соња Стаменковска, која истакна дека за општината претставува чест и значаен момент тоа што Македонска Каменица првпат е домаќин на ваков завршен турнир во женска конкуренција, потенцирајќи ја поддршката на локалната самоуправа за спортот и женската кошарка.
Свои изјави дадоа и претставниците на полуфиналните екипи, кои нагласија дека очекуваат неизвесни и квалитетни натпревари, како и фер и спортска атмосфера.
Согласно со распоредот, во првото полуфинале, в сабота од 15 часот, ќе се сретнат екипите на Баскет Кам 2011 и МЗТ Бела Вода. Во второто полуфинале, кое ќе започне во 17:30 часот, силите ќе ги одмерат екипите на Крива Паланка и Бадел 1862.
Победниците од двете полуфинални средби ќе обезбедат пласман во големото финале, кое е закажано за недела. вс/ац
Фото: МИА