• Tuesday, 14 April 2026

Д-р Џиковски за МИА: Не постои безбедно ниво на пушење, на Торакална годишно има oд 600 до 700 пациенти со рак на белите дробови, многумина во поодминат стадиум

Д-р Џиковски за МИА: Не постои безбедно ниво на пушење, на Торакална годишно има oд 600 до 700 пациенти со рак на белите дробови, многумина во поодминат стадиум

Скопје, 14 април 2026 (МИА)

Рената ПЕПЕЉУГОСКА

Пушењето цигари предизвикува хронично оштетување на белите дробови и крвните садови, што доведува до појава на карцином, хронична опструктивна болест, спонтан пневмоторакс, артериосклероза, аневризми и каротидна стеноза, кои често доведуваат до потреба од хируршка интервенција. На Клиниката за торакална и васкуларна хирургија бројот на пациенти континуирано се зголемува, лани се третирани повеќе од 3.100, од кои приближно 150 главно пушачи со торакална хируршка интервенција, со доминантен карцином на белите дробови. Годишно има од 600 до 700 новодијагностицирани пациенти, главно пушачи, со карцином на белите дробови, а поголемиот број од нив се во поодминат стадиум на болеста и се упатуваат на Клиниката за радиотерапија и онкологија за натамошен третман - вели директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, д-р Игорче Џиковски, во интервју за МИА.

Тој советува целосно да се прекине со пушење што е можно побргу со цел да се избегне ризикот од појава на болести.

- За нас, од исклучителна важност е воведувањето национална скрининг-програма за рано откривање карцином на белите дробови. Раната детекција би овозможила значително зголемување на бројот на пациенти дијагностицирани во операбилен стадиум, што директно ќе придонесе за подобри хируршки исходи, намалување на морталитетот и подобрување на квалитетот на живот кај пациентите - истакнува д-р Џиковски. 

По подолг временски период, кога веќе постојат структурни промени на крвните садови, како што се артериосклерозата, калцификати или аневризматски проширувања, потенцира докторот, оштетувањата се трајни и единствено може да се контролира нивната прогресија. 

- Оттука, најважен фактор е прекинување со пушење што е можно порано. Дури и при мал број испушени цигари дневно, односно од една до пет, постои речиси двојно поголем ризик од кардиоваскуларни болести, како што е коронарната артериска болест. Дополнително, изложеноста на пасивно пушење исто така носи зголемен ризик и од кардиоваскуларни и од респираторни болести, особено кај деца и пациенти со коморбидитети, односно со веќе постојни ризик-фактори - вели д-р Џиковски.

Според него, најважен чекор за заштита на крвните садови е целосно прекинување со пушење. Тој ја нагласува неопходноста од редовните лекарски прегледи, контрола на ризик-факторите (како што се дијабетесот, високиот крвен притисок или липидите во крвта), здрава, балансирана исхрана и редовна физичка активност. 

- Позитивните ефекти врз здравјето на крвните садови при прекинувањето со пушење се навистина значајни и бргу забележливи. Се смета дека на подолг рок, односно петнаесетина години по прекинувањето, ризикот од сериозни кардиоваскуларни болести е сличен како и кај непушачите - додава д-р Џиковски. 

На Клиниката за торакална и васкуларна хирургија се прават хируршки интервенции на заболувања на градниот кош и на рвните садови, вклучувајќи и сложени кардиоваскуларни интервенции. Кои се најчестите дијагнози кај пушачи што имаат потреба од хируршки третман? 

- Кај пушачите, поради хроничното оштетување и промените на белите дробови и крвните садови, најчесто се јавуваат: карцином на белите дробови, која е најчеста и најсериозна дијагноза, која често бара оперативен хируршки третман доколку стадиумот и типот на карцином го дозволуваат тоа, ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест) со компликации, како булозна емфизма, што може да доведе до потреба од операција за делови од белодробието што не учествуваат во размена на гасовите, спонтан пневмоторакс - поради руптура на була кај пушачи, периферна артериска болест (артериосклероза) - со потреба од васкуларни реконструкции или бајпас, аневризми (особено на аортата) - проширување на крвните садови со ризик од руптура, каротидна стеноза, која носи ризик за мозочен удар, и други заболувања и понекогаш бараат хируршки третман. Пушењето ги оштетува и белите дробови и крвните садови, со секојдневното пушење се случуваат хронични промени на белите дробови и крвните садови, кои често доведуваат до потреба од хируршка интервенција. 

Покрај тоа, важно е да се напомене дека бројот на пациенти континуирано се зголемува. Во текот на изминатата година на Клиниката беа третирани повеќе од 3.100 пациенти, од кои приближно 150 со торакална хируршка интервенција, со доминантен карцином на белите дробови. 

За нас, од исклучителна важност е воведувањето национална скрининг-програма за рано откривање на карцином на белите дробови. Раната детекција би овозможила значително зголемување на бројот на пациенти дијагностицирани во операбилен стадиум, што директно ќе придонесе за подобри хируршки исходи, намалување на морталитетот и подобрување на квалитетот на живот кај пациентите. Во изминатите години има 600-700 новодијагностицирани пациенти, главно пушачи, со карцином на белите дробови, а поголемиот број од нив се во поодминат стадиум на болеста и се упатуваат на Клиниката за радиотерапија и онкологија за натамошен третман. 

Дополнително, ваквиот пристап би имал и долгорочен ефект врз здравствениот систем преку намалување на трошоците за третман на напреднати стадиуми на болеста и оптимизација на ресурсите.

Како влијае никотинот на крвните садови, особено во торакалниот дел, и до какви оштетувања и компликации тоа може да доведе? 

- Никотинот има повеќе штетни ефекти, како што се вазоконстрикција (стеснување на крвните садови), кое доведува до намален проток на крв низ луменот на крвниот сад, оштетување на ендотелот (внатрешната обвивка на крвните садови), артериосклероза, зголемена коагулација, што значи поголем ризик за тромбоза. 

Особено во торакалниот дел (аорта, големи крвни садови), поради секојдневното внесување никотин, се оштетуваат и хронично се менуваат крвните садови и се подложни на некои заболувања, како аневризма на аортата, а се забрзува и артериосклеротскиот процес, што го зголемува ризикот од дисекција или руптура на аортата. 

Кои знаци укажуваат на затнување на крвните садови? 

- Симптомите зависат од тоа кој сад е зафатен, но најчесто се: болка при одење (клаудикација), особено во нозете, ладни екстремитети, бледа или сина кожа, слаб или отсутен периферен пулс, рани што не заздравуваат, ненадејна болка, која може да укажува на акутна тромбоза или тромбемболија. 

Дали се зголемува бројот на пациенти што пушат и доаѓаат на Клиниката со аневризма на торакалната аорта, артериосклероза и тромбоза? 

- Сè поголем број пациенти доаѓаат на преглед кога оперативниот хируршки третман е единствена опција. Тоа се должи во голема мера на долгогодишното користење цигари, со сите хронични промени и оштетувања што ги споменав претходно, особено кога се комбинирани со висок крвен притисок, дебелина и дијабетес. 

Дали тие оштетувања се трајни?

- Во зависност од времетраењето и степенот на изложеност оштетувањата на крвните садови предизвикани од пушењето може да бидат и реверзибилни и трајни. Во раните фази, кога постои само функционално оштетување, промените може да се подобрат или дури и да се повлечат по прекинувањето со пушење затоа што васкуларниот ендотел има одреден капацитет за регенерација. Меѓутоа, по подолг временски период, кога веќе постојат структурни промени на крвните садови, како што се артериосклерозата, калцификатите или аневризматските проширувања, оштетувањата се трајни и единствено може да се контролира нивната прогресија. Оттука, најважен фактор е прекинување со пушење што е можно порано. 

Дали постои безбедно ниво на пушење кога станува збор за тораковаскуларното здравје? 

- Не, не постои безбедно ниво на пушење. Ризикот е кумулативен и дозно зависен, секако дека се зголемува со количината, меѓутоа не е отсутен и при минимална изложеност. Дури и при мал број испушени цигари дневно, односно од една до пет, постои речиси двојно поголем ризик од кардиоваскуларни болести, како што е коронарната артериска болест. Дополнително, изложеноста на пасивно пушење исто така носи зголемен ризик и од кардиоваскуларни и од респираторни болести, особено кај деца и пациенти со коморбидитети, односно со веќе постојни ризик-фактори. 

Што ќе им советувате на лицата што пушат и кој е првиот чекор што треба да го направат за да се спречи прогресија на оштетувањата на крвните садови? 

- Најважен чекор за заштита на крвните садови е целосно прекинување со пушење, како што споменав претходно, и тоа им го советувам на сите. Би ги нагласил и редовните лекарски прегледи, контрола на ризик-фактори (како што се дијабетесот, високиот крвен притисок или липидите во крвта), здрава, балансирана исхрана и редовна физичка активност. Раното дејствување овозможува превенција на болест или намалување на прогресијата и е клучно во спречување на развојот на сериозни компликации и потребата од хируршки третман. 

Дали итното прекинување со пушењето овозможува постепено обновување на крвните садови? 

- Позитивните ефекти врз здравјето на крвните садови при прекинување со пушење се навистина значајни и бргу забележливи. Уште во првите неколку минути до неколку часа опаѓаат пулсот и крвниот притисок, се подобрува периферната циркулација и се нормализира нивото на јаглероден моноксид во крвта, што овозможува подобрено дистрибуирање кислород. 

Во првите недели од прекинувањето со пушење се подобрува ендотелната функција, се намалува нивото на воспаление, а со тоа и ризикот од тромбоза. 

На среден рок, односно во период од неколку месеци, значително се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања иако структурните промени, кои веќе настанале како последица од пушењето, не е возможно да исчезнат. Она што може да се постигне е нивна стабилизација и значително намалување на ризикот од прогресија на тие промени и следствено компликации. 

Се смета дека на подолг рок, односно петнаесетина години по прекинување со пушење, ризикот од сериозни кардиоваскуларни болести е сличен како и кај непушачите. рп/дј/

Фото: Дарко Попов