• Wednesday, 18 March 2026

Директорот на американскиот Национален центар за борба против тероризмот поднесе оставка поради војната во Иран

Директорот на американскиот Национален центар за борба против тероризмот поднесе оставка поради војната во Иран

Вашингтон, 17 март 2026 (МИА) – Директорот на американскиот Национален центар за борба против тероризмот Џозеф Кент поднесе оставка поради војната со Иран, истакнувајќи оти Техеран не претставува „непосредна закана“ по САД.

- Не можам со добра намера да ја поддржам војната што моментално се води во Иран, објави Кент на платформата Икс.

Тој во оставката поднесена до американскиот претседател Доналд Трамп наведува дека по долго размислување се одлучил на таков чекор  бидејќи „Иран не претставуваше не непосредна закана за нашата земја и јасно е дека ја почнавме оваа војна поради притисок од Израел и неговото моќно американско лоби“.

Кент во оставката упатува молба до Трамп да размисли за акциите во Иран.

- Ве молам, размислете што правиме во Иран и за кого го правиме тоа. Сега е време за акција. Можете да го смените курсот и да изберете нов пат за нашата земја или ќе дозволите да се движиме кон пропаст и хаос. Картите се во ваши раце, истакна Кент.

Тој е воен ветеран, кој учествувал во 11 борбени мисии, додека неговата сопруга загина во војна. ми/ссм/

фото: ЕПА