• Tuesday, 03 March 2026

Дигитализацијата и дигиталната трансформација во заштитата и промоцијата на културното наследство во фокусот на средбата Љутков - Рајхл

Дигитализацијата и дигиталната трансформација во заштитата и промоцијата на културното наследство во фокусот на средбата Љутков - Рајхл

Скопје, 2 март 2026 (МИА) - Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост, истакнал денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков на средбата со претседателката на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент Нела Рајхл.

На средбата, која е дел од посетата на Љутков на Брисел, било посочено дека ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор, соопшти Министерството за култура и туризам.

Според информацијата, на средбата бил ставен акцент врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. 

- Како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет, истакнал Љутков.

Тој, како што стои во соопштението, информирал дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што, според Љутков, се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.

Љутков, според соопштението, ја истакнал цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.

- Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност, соопшти Министерството за култура и туризам.  

Соговорниците ја потврдиле заедничката заложба за натамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.сс/са/

Фото Министерство за култура и туризам