• Friday, 17 April 2026

Гувернерот Славески на средби со ММФ: Потребен е внимателен пристап во услови на зголемени светски ризици

Гувернерот Славески на средби со ММФ: Потребен е внимателен пристап во услови на зголемени светски ризици

Скопје, 17 април 2026 (МИА) - Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ во рамките на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон. На средбите присуствуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гувернерот Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ, Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер, извршниот директор Јерун Клик и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја, Ник Гигинеишвили.

- На средбите се разговараше за најновите светски и домашни макроекономски случувања, при што беше нагласено дека зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, придонесуваат за засилена неизвесност во светската економија и влијаат врз изгледите за раст - соопшти прес-службата на Народната банка. 

Во однос на домашната економија, оценето е дека досегашните трендови се поволни, а добрите политики овозможија да се задржи стабилноста на макроекономските основи. Сепак, со оглед на неизвесноста за времетраењето и силината на превирањата во светот, се истакнува потребата од понатамошна внимателност и подготвеност за соодветна реакција.

- Гувернерот Славески истакна дека Народната банка води претпазлива и конзистентна монетарна политика, насочена кон одржување на ценовната и финансиската стабилност. Притоа тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи светските движења и нивното влијание врз домашните показатели заради навремена и соодветна реакција преку расположливите инструменти. На состаноците се разгледа и новата монетарна рамка на Народната банка, со која се овозможува поефикасно и пофлексибилно водење на монетарната политика, што е особено важно во услови на ненадејни и неповолни промени во економското окружување. Беше потврдена и постојаната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ, која и во наредниот период ќе биде насочена кон понатамошно зајакнување на институционалните капацитети и усогласување со меѓународните стандарди - информира Народната банка.лв/са/

фото: Народна банка 

You May Also Like