• Wednesday, 15 April 2026

Владата на Санчез отвора можност за легален статус за мигранти

Владата на Санчез отвора можност за легален статус за мигранти

Мадрид, 14 април 2026 (МИА) - Владата на Шпанија ја финализираше мерката за амнестија на мигрантите, со која лицата што живеат и работат во земјата без дозвола ќе можат да поднесат барање за легален статус.

Овој пристап значително се разликува од доминантните политики во поголемиот дел од Европа, каде владите настојуваат да го намалат бројот на пристигнувања и да ги засилат депортациите.

Премиерот Педро Санчез ја поздрави мерката како „чин на правда и неопходност“, нагласувајќи дека луѓето кои веќе живеат и работат во Шпанија треба да го прават тоа „под еднакви услови“ и да плаќаат даноци.

„Признаваме права, но бараме и обврски, напиша Санчез на социјалните мрежи.

Според владините проценки, околу половина милион луѓе кои живеат во Шпанија без дозвола би можеле да ги исполнат условите за аплицирање, додека некои аналитичари сметаат дека до 800.000 лица живеат „во сенка“ на шпанското општество.

Голем дел од имигрантите, особено од Латинска Америка и африканските земји, работат во клучни сектори како земјоделството, туризмот и услужните дејности.

Лицата што ги исполнуваат условите ќе можат да аплицираат за едногодишна дозвола за престој и работа.

Министерката за миграции Елма Саиз изјави дека пријавувањето ќе започне лично на 20 април, додека онлајн апликациите ќе бидат достапни од 16 април.

Апликантите треба да пристигнале во Шпанија пред 1 јануари годинава и да докажат дека престојуваат во земјата најмалку пет месеци, преку „јавни или приватни“ документи. Дополнително, мора да приложат доказ дека немаат кривично досие.

Шпанија и претходно спроведувала амнестии за мигранти без регулиран статус, вкупно шест пати во периодот од 1986 до 2005 година. ссм/ми/

фото: архива