Дописници МКДОпштински вести

Жителите на пробиштипското село Пишица бараат да се пушти водата за наводнување од новата брана

Жителите на пробиштипското село Пишица бараат да им се пушти водата за наводнување од акумулацијата Пишица, која е на само неколку метри од нивните куќи.

Штип, 20 мај 2020 (МИА) – Жителите на пробиштипското село Пишица бараат да им се пушти водата за наводнување од акумулацијата Пишица, која е на само неколку метри од нивните куќи.

Претседателот на Месната заедница „Пишица“, Мирче Герасимов вели дека околу две година се чека на технички прием на малата акумулација, од којашто до пред седум години ги наводнувале нивите и градините, а исто и обезбедувале и вода за стоката.

Дијана Петковска жителка на Пишица забележа дека поради непуштањето на техничката вода, за градините и стоката ја користат и водата за пиење, па во овој период чешмите од водоводот им остануваат суви и по четири дена во неделата.

-Хигиената ни е на нула, вода немаме четири дена во неделата, бидејќи ја користиме од водовод за да се навадат градините и стоката. Жално е при вода, да ја немаме, вели Петковска.

Влатко Илиев истакна дека секое домаќинство во селото има приклучок за техничка вода од браната Пишица, која им дава можност за одгледување на земјоделски култури, но и да имаат и стока.

Претседателот на МЗ „Пишица“, Герасимов најави дека доколку не им се реши проблемот со акумулацијата ќе покажат и граѓанска непослушност, кон матичната општина, а исто најави и дека ќе имаат и протест доколку не им се реши проблемот.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов кој утринава имаше средба со жителите на Пишица вели дека револтот на населението е оправдан, а најави дека наскоро и ќе се реши.

-Информациите коишто ги имам во разговор со Министерството за земјоделство е дека овој проблем со браната ќе се реши до крајот на неделава, со што жителите ќе добијат вода за наводнување, вели Анастасов.

Ова село има над 180 жители, меѓу кои и десеттина новороденчиња. Мештаните велат дека се уште е живо, бидејќи се наоѓа на 15 до 20 километри од Пробиштип, Штип и Кочани и е добро за живот. Техничкиот прием на акумулацијата, која се изгради со над еден милион евра, а ја градеше „Трансмет“ досега не е извршен, бидејќи како што рече пробиштипскиот градоначалник Анастасов постапката до сега била заглавена во второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски. Оваа брана попушти пред седум години, по што го полави селото, нивите, а водата стигна и до Штип. вдј/ев/

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close