Дописници МКДОпштински вести

Жителите на кочанската населба Драчевик на протест против изградбата на трета социјална зграда

Жителите од населбата Драчевик во Кочани доцна попладнево одржаа мирен протест поради почетокот на изградбата на ламелата број 3 од станбениот објект за сместување на семејствата од социјален ризик.

Кочани, 10 мај 2021 (МИА) – Жителите од населбата Драчевик во Кочани доцна попладнево одржаа мирен протест поради почетокот на изградбата на ламелата број 3 од станбениот објект за сместување на семејствата од социјален ризик.

Причина за протестот, како што рекоа, е што се влошила безбедносната состојба во населбата, односно зачестиле кражбите, нарушувањето на јавниот ред и мир, имало насилство и физички инциденти, а се уништувала и урбаната опрема и природната околина.

-Имаме огромен проблем со дел од станарите во ламела број 2 на социјалната зграда, поради што од надлежните институции бараме привремено да ја прекинат изградбата на третата ламела. Членови на неколку семејства што живеат во постојниот објект доцна навечер и преку ден пуштаат гласна музика, предизвикуваат тепачки, управуваат нерегистрирани моторни возила, неретко се закануваат со физички пресметки и загрозување на животите на жители во соседството. Како крајна мерка, надлежните нека преземат мерки за да ги иселат проблематичните семејства, за да не страдаме сите останати во населбата, истакна Јован Танчев.

Дополнителен мотив за протестот е неодамнешниот инцидент меѓу жители од социјалната зграда, при што во физичка пресметка неколку лица се здобиле со тешки повреди предизвикани со убоди од нож. Освен тоа, уништени се реквизитите во новоизградениот детски парк, а се сечат и стебла во шумата во околината на населбата.

На присутните на протестот им се обрати и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, при што ги информираше дека локалната самоуправа нема надлежност во изградбата и вселувањето на станарите во социјалната зграда.

-Јас им давам поддршка на жителите од оваа населба, затоа што проблемите со кои тие се соочуваат се сериозни. Ќе инсистираме кај институциите кои се надлежни за одржување на јавниот ред и мир и на безбедноста на граѓаните, да преземат соодветни мерки против прекршителите. Законските прописи треба да ги почитува секој, во спротивно следува санкција. Изградбата на овие колективни станбени објекти за лица од социјален ризик не може да запре, затоа што тие се предвидени со урбанистичкиот план уште во 1998 година, истакна градоначалникот Илијев.

На реакцијата на граѓаните дека се загрижени за проблемите со водоснабдувањето на населбата поради изградбата на новиот објект, Илијев објасни дека комуналното претпријатие „Водовод“ ја завршило изградбата на нов експлоатациски бунар за градскиот водовод, а ќе се гради и нов резервоар за вода за објектите во т.н. висока зона, во која спаѓа и населбата Драчевик. та/ев/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close