0_Македонија.ПорталОригинални текстови

Жерновски: Продолжена криза за продолжена кариера 

Како владејачка партија која изминативе три години од постоењето на новата Влада упорно инсистираше на конечно функционирање на правната држава, би било крајно недоследно сега да го промениме тој курс. Токму затоа е сосема јасно зошто СДСМ инсистира на следење на правецот зацртан во Уредбата со законска сила од 21 март 2020 година, со која се утврдува динамиката на изборниот процес, започнат сo распишувањето на изборите на 16 февруари 2020 година.

Скопје, 19 мај 2020 

Како владејачка партија која изминативе три години од постоењето на новата Влада упорно инсистираше на конечно функционирање на правната држава, би било крајно недоследно сега да го промениме тој курс. Токму затоа е сосема јасно зошто СДСМ инсистира на следење на правецот зацртан во Уредбата со законска сила од 21 март 2020 година, со која се утврдува динамиката на изборниот процес, започнат сo распишувањето на изборите на 16 февруари 2020 година. Во наведениот акт, изборните дејствија треба да продолжат во рок од еден ден од денот на престанокот на вонредната состојба. Оттука, секој друг и поинаков обид за делување на било кој политички чинител ќе значи директно поткопување на државниот правен поредок.

На напорите на СДСМ, преку договор и изнесување на аргументирани ставови да се дојде до консензус за ова прашање, треба да се гледа исклучиво како на акт на демократичност и политичка култура. На онаа култура која не постоеше цели единаесет години, а чие однесување и ден денеска претставува базична матрица на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ.

За жал, неизвлекувајќи поука од таквото погубно однесување, партија на Груевски и Мицковски продолжува со својата деструктивна политика на уценување и блокирање, носејќи ја  државата во немирни и матни води, во кои они умеат најдобро да пливат.
Да не се залажуваме- таквата политичка криза на Мицковски му е неопходна за да го продолжи траењето на сопствената политичка кариера. Тој не само што ќе ги интензивира активностите за пролонгирање на разрешницата, туку злоупотребувајќи ја состојбата со коронавирусот и флертувајќи со неа, ќе биде најсреќен до разрешница воопшто и да не се дојде. Затоа, во оваа мала јавна тајна има една голема вистина- по било која цена ќе се обидува да го избегне изборниот мегдан и извесниот пораз, дури и по цена државата да загази во целосна политичка и економска блокада.

Па сепак, се разбира, многу поважно од продолжувањето на политичката кариера на Мицковски е одржувањето на правната држава. Како земја која започнува преговори со ЕУ, потфрлувањето во правните процедури и во фукционалноста на демократските институции е недозволиво, особено што истите се во првиот столб на новата методологија за пристапување во Унијата.
Треба да ни биде јасно на сите дека повеќе нема простор за институционални манипулирања и поткопувања на правниот систем.
Таа работа заврши!

Андреј Жерновски, заменик министер за надворешни работи

___________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Back to top button
Close
Close