Дописници МКДОпштински вести

Зголемена потрошувачката на вода во Куманово

Зголемена е потрошувачката на вода во Куманово, информираа денеска надлежните од Јавното претпријатие „Водовод“. Во моментов, потрошувачката на вода е 340 литри вода во секунда.

Куманово, 28 јули 2021 (МИА) – Зголемена е потрошувачката на вода во Куманово, информираа денеска надлежните од Јавното претпријатие „Водовод“. Во моментов, потрошувачката на вода е 340 литри вода во секунда.

– Потрошувачката на вода во овој период од годината е зголемена, особено во попладневните часови, најмногу во периодот од 19 до 24 часот. Во летниот период потрошувачката на вода се зголемува за 40 проценти во однос на редовната, изјави Тони Јовчевски, раководител на Одделението за водоснабдителни објекти.

Просечно во овој период потрошувачката може да се движи од 350 до 420 литри вода во секунда. Високите температури се причина за зголемената потрошувачка на вода во Куманово.

– Многу е важно граѓаните да не ја користат водата за миење на автомобили, да се сведе на минимум полевањето дворови, тревници, за да не се соочиме со недостиг на вода во високата зона од градот, изјави Јовчевски.

Годишно потрошувачката на вода во Куманово во просек се движи од 270 до 300 литри вода во секунда. Дневната потрошувачка е речиси двојно поголема од ноќната во овој период.

И покрај фактот што нема проблеми со водоснабдувањето, од претпријатието апелираат во овие денови граѓаните да внимаваат и рационално да ја користат водата. ам/хс/

Back to top button
Close
Close