Дописници МКДОпштински вести

Зголемен комуналниот надомест во општина Гевгелија

Гевгелија,2 февруари 2021(МИА) – Гевгелиските советници на последната седница донесоа одлука за измена и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште во 2021 година,според која,за триесетина отсто се зголеми надоместот за уредување на земјиште во општина Гевгелија.

Според новата одлука, комуналиите за станбени објекти за индивидуално домување од 1500 се зголемени на 1800 денари за метар квадратен,односно 900 денари од квадрат во населените места до 3600 денари за квадрат на простор вон населено место.

За станбените објекти за колективно домување, комуналниот надомест изнесува 2250 денари за квадрат во градот,1125 денари за квадрат во населените места и 4500 денари за квадрат на простор вон населено место за кое уште не постои урбанистички план.

Комуналиите за деловните и јавни објекти се утврдени по 3000 денари за квадрат во Гевгелија,1500 денари во населените места до 6000 денари за квадрат вон населено место.

– Одлуката ја донесовме од причина што досегашните износи ниту од далеку не ги покриваа трошоците што ги имавме со обврската за уредување на градежното земјиште пред тоа да биде продадено,а згора на тоа во општина Гевгелија комуналиите не беа променети 20 години и бевме меѓу општините со најнизок комунален надомест, рече градоначалникот Сашо Поцков.

Посочи дека зголемувањето на комуналиите во општина Гевгелија, кое ќе стапи во сила од 1 март,во просек изнесува 26 отсто и дека не очекува суштински да влијае на зголемувањето на градежната вредност на објектите. им/са/

Back to top button
Close
Close