0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштество

Зголемен број заразени со Ковид-19, можно воведување карантин во одредени општини

Бројот на заразени со Ковид-19 вчера значително се зголеми. Регистрирани беа 89 нови случаи заразени со коронавирус од кои најголемиот дел се од Скопје-35. Висока бројка на заразени вчера имаше и во Штип, каде беа регистрирани 27 нови случаи, во Куманово 12, во Прилеп еден, во Тетово седум, во Гостивар, Струмица и Свети Николе по еден и во Кочани четири случаи.

Скопје, 2 јуни 2020 (МИА) – Бројот на заразени со Ковид-19 вчера значително се зголеми. Регистрирани беа 89 нови случаи заразени со коронавирус од кои најголемиот дел се од Скопје-35. Висока бројка на заразени вчера имаше и во Штип, каде беа регистрирани 27 нови случаи, во Куманово 12, во Прилеп еден, во Тетово седум, во Гостивар, Струмица и Свети Николе по еден и во Кочани четири случаи.

Во ГОБ „8 септември“ починаа шест лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Тетово на 54 години.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 17 оздравени пациенти, двајца во Скопје, 12 во Прилеп и тројца во Велес.

Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека епидемиолошката состојба ја имаат под контрола. Според него околу 70 проценти од новите случаи се од веќе познати кластери, пред се од општините Чаир и Сарај. Тој вели дека и покрај високите бројки на новозаразени, нема пациенти кои се јавуваат во болниците, а тоа значи дека поголем дел се со лесна клиничка слика и можат да се лекуваат во домашни услови или еден добар дел се асимтопатски носители.

Сепак, вчера се разговарало за евентуално воведување дополнителни рестриктивни мерки, но заеднички став било дека ќе се почекаат податоците од следните два до три дена и потоа ќе се носи одлука. Овие мерки би биле ограничување на движењето, односно карантин за одредени делови каде има поголем број дијагностицирани пациенти и воведување полициски час на локално ниво.

Како главен проблем со кој се соочуваат, Филипче ја наведе слабата соработка со дел од граѓаните кои одбиваат да се тестираат или да се пријават во болница. Апелираше дека сите мора да се придржуваат до препораките и да даваат целосни и вистинити информации до надлежните. Вели дека огромен дел од новодијагностицираните не се придржуваат до мерките за дистанца и носење заштитна маска. Затоа, смета тој, задолжителното носење заштитни маски е добра одлука.

Од вчера поголем број државни и партиски функционери се во самоизолација, а има и позитивни на Ковид-19. Позитивна на коронавирусот, покрај потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири е и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

Премиерот Оливер Спасовски е негативен на Ковид-19, но останува во домашна изолација додека ги добие препораките од епидемиолозите. Во домашна самоизолација се и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и советникот за односи со јавност на претседателот на Владата Марјан Забрчанец, откако имале средби со Зекири. Покрај нив, и градоначалниците на Чаир и на Бутел вчера соопштија дека се во самоизолација.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој заедно сo Зекири учествуваа на дебатна емисија направил тест кој бил негативен, но вели дека ќе се придржува до сите мерки препорачани од здравствените власти.

Во самоизолација се и директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми кој бил во контакт со Зекири и директорот на „Службен весник“ Мартин Костовски кој бил во контакт со Лукаревска.

Вкупниот број на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2315, бројката на оздравени пациенти е 1569, на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606.

Во рамки на скринингот во градинки и геронтолошки установи, што почна на 13 мај досега се направени 4.035 тестирања, а потврдени се вкупно девет позитивни од Ковид-19.

Досега во земјата се направени вкупно 30.302 тестирања на Ковид -19. мс/бак/

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close
Close