БизнисБизнис.ПорталДописници МКД

Земјоделците од Прилепско се активни корисници на владините мерки

Прилепските земјоделци ги користат владините мерки и можноста да дојдат до грантови за унапредување на земјоделското производство, констатираат од прилепската локална самоуправа по посетата на градоначалникот Илија Јованоски на неколку земјоделски семејства во Прилепско.

Прилеп, 13 декември 2019 (МИА) – Прилепските земјоделци ги користат владините мерки и можноста да дојдат до грантови за унапредување на земјоделското производство, констатираат од прилепската локална самоуправа по посетата на градоначалникот Илија Јованоски на неколку земјоделски семејства во Прилепско.

Кире Богоески, земјоделец и сточар од прилепското село Чепигово обработува десетина хектари земја и затоа имал потреба од земјоделска механизација. Со аплицирањето на огласот за млад земјоделец, добил трактор.

-Со тоа многу ми се олесни работата, така што се надевам дека оваа мерка ќе продолжи и во иднина, дека ќе биде уште повисока и дека ќе има уште поголем број млади земјоделци кои ќе добиваат ваква или слична помош. Тоа ќе придонесе за развојот на земјоделството и за поголем пласман на производите како дома, така и надвор од земјава, што пак ќе значи да бидеме конкурентни на пазарот, вели Богоески.

Каролина Ристеска е жена земјоделец од селото Мало Коњари, чие семејство брои седум члена и произведува повеќе земјоделски култури.

-Ние сме седумчлено семејство, произведуваме од сѐ по нешто: тутун, житарки, сончоглед и секаков друг вид земјоделски производи. Задоволни сме од субвенциите за тутунот и за другите земјоделски култури, како и од семенскиот материјал што го добиваме за сеење на житните култури, вели Ристеска.

Зоран Пачешкоски, раководител на прилепската подрачна единица на Министерството за земјоделство, смета дека соодветно се користат владините мерки и средствата завршуваат кај вистинските земјоделци.

-Во тек е јавен повик преку кој, со 3.000 евра неповратни средства, се субвенционираат жените кои се занимаваат со земјоделство. Апелирам до жителите кои се занимаваат со земјоделство да дојдат во подрачната единица на Министерството и да ги подигнат картичките за „зелена нафта“, рече Пачешкоски.

Прилепскиот градоначалник заклучува дека земјоделците често ја користат можноста да дојдат до грантовите кои ги доделува Владата, што во голема мера им помага во извршувањето на земјоделските работи.

-Оваа година неповратните средства кои им се доделија на младите земјоделци беа во висина од 10.000 евра. Средствата се наменети за купување земјоделски машини, земјоделска и за приклучна механизација. За следната година, Владата ќе доделува средства во висина од 20.000 евра, што во голема мера ќе им биде од корист на младите земјоделци на кои ќе им се олесни работата, а истовремено ќе придонесе и за  поголемо производство, вели Јованоски.ем/скс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close