0_Web_Насловна-слајдерMakedonija.SlajderСветСвет.Портал

Земјите се подготвуваат за евакуација на своите државјани од Вухан

Велика Британија, Германија и Шпанија најавија дека ќе помогнат при евакуацијата на своите граѓани од кинескиот град Вухан, од каде почна заразата со коронавирусот, од кој досега починаа 80 луѓе

Скопје, 27 јануари 2020 (МИА) – Велика Британија, Германија и Шпанија најавија дека ќе помогнат на своите граѓани да го напуштат кинескиот град Вухан, од каде почна заразата со коронавирусот, од кој досега починаа 80 луѓе.

Претходно, Франција, САД и Јапонија соопштија дека се подготвуваат за евакуација на своите државјани.

– Работиме на тоа да им овозможиме на британските државјани опција да ја напуштат кинеската провинција Хубеи, чиј главен град е Вухан, соопшти денеска британскиот Форин Офис, објавувајќи телефонски број на кој граѓаните ќе можат да се јават.

Официјален Берлин соопшти како планира евакуација на своите државјани од Вухан и апелираше да се одложат патувањата во Кина, ако не се нужни.

– Шпанската Влада соработува со Кина и со Европска Унија за да ги врати своите државјаниа од Вухан, изјави шефицата на шпанската дипломатија Аранча Гонзалес Лаја.

Таа додаде од Вухан ќе бидат вратени околу 20 Шпанци.

Во меѓувреме, малезиските власти соопштија дека се воведува привремена забрана за посета на Кинезите од провинцијата Хубеи на Малезија, при тоа наведувајќи дека забраната ќе биде укината кога ќе се нормализира ситуацијата.

Додека Монголија ги затвори копнените гранични премини со Кина, а железничките и авионските се уште се отворени. Во земјата забранети се и јавните манифестации, а откажани се спортските настани.

Во Монголија досега не е регистриран пациент од коронавирусот.

Поради коронавирусот, руските патнички агенции престанаа да продаваат патувања во Кина, поради како што наведоа „безбедносна закана“. Околу 7.000 руски туристи во моментот престојуваат во Кина.

Ниту во Русија не е забележан ниту еден случај на зараза со коронавирусот.
Делегацијата на ЕУ денеска во Пекинг ќе одржи итен состанок за да ја координира евакуацијата на европските граѓани, кои се наоѓаат во Кина за да се ограничи заразата од коронавирусот.

Во соработка со кинеските власти, делегацијата на ЕУ ќе бара најдобар начин да одговори на барањата на европските граѓани кои бараат да бидат итно екстрадирани, по состанокот се очекува делегацијата да ги соопшти мерките што ќе се преземат. Целта е делегацијата на ЕУ да ги координира заеднички барањата за евакуација на граѓаните од сите 27 земји-членки на Унијата.

Европскиот центар за спречување и контрола на болести порача дека овој вирусот останува помалку смртоносен од СРАС, но дека постојано се набљудува состојбата и дека за сега не може со сигурност да се тврди дека вирусот нема да стане поопасен.

Во меѓувреме, кинеското Министерство за финансии соопшти дека ќе издвои 8,74 милијарди долари за да го спречи ширењето на коронавирусот.

Најмалку 80 лица починаа од коронавирусот, а само во Кина се заразени 2.744 лица. Вирусот продолжи да се шири во светот, каде што се регистрирани 50 заразени случаи, од кои петмина во САД.

Засега нема смртни случаи надвор од Кина, а вирусот стигна и во Европа, во Франција, каде што се заразени три лица.

Околу 60 милиони луѓе се во делумен или целосен карантин, бидејќи кинеските власти во неколку градови забранија влез и излез од градот Вухан.

Кинеските власти одлучија да ги продолжат новогодишните празници до 2 февруари, за да се спречи дополнително ширење на вирусот. ми/

Таг
Back to top button
Close
Close