0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderMakedonija.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Зелен коридор на ГП Табановце -Прешево ја олесни трговијата

Зелените коридори го забрзуваат протокот на стоки во услови на коронакризата и ќе продолжат да функционираат да ѝ помогнат на бизнис заедницата да стане поконкурентна, истакнаа при денешната посета на граничниот премин Табановце-Прешево, претставниците на Царинската управа на РСМ, која годинава претседава со Поткомитетот за царина и потекло во рамки на CEFTA, и претставниците на CEFTA Секретаријатот, ЕУ транспортната заедница и Советот за регионална соработка.

Куманово, 22 септември 2020 (МИА) –  Зелените коридори го забрзуваат протокот на стоки во услови на коронакризата и ќе продолжат да функционираат да ѝ помогнат на бизнис заедницата да стане поконкурентна, истакнаа при денешната посета на граничниот премин Табановце-Прешево, претставниците на Царинската управа на РСМ, која годинава претседава со Поткомитетот за царина и потекло во рамки на CEFTA, и претставниците на CEFTA Секретаријатот, ЕУ транспортната заедница и Советот за регионална соработка.

Зелениот коридор кој е иницијатива на македонската царина им овозможува на камионите полесно да ја преминат границата, на 24 часовно отворениот коридор, да го сведат времето на чекање на минимум. Во пандемијата коридорите почнале да ги користат камионите кои превезуваат медицински средства, лекови, зеленчук, прехранбени продукти.

Директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски вели дека овој проект за кој царината се залагала и пред и за време на пандемијата ја потврдува соработката помеѓу надлежните институции. Тој потсети и на функционирањето на One Stop Shop и го оцени како прв чекор за економско и регионално соработување

– Се овозможи слободен проток на стоките 24/7 и тие одиграа клучна улога во намалувањето на негативните ефекти во самата криза врз економиите на ЦЕФТА страните. Овие зелени коридори заедно со приоритетните ленти ќе претставуваат и идна цел на Царинската управа на РСМ во контекст на нивно проширување и овозможување доколку е можно да бидат воведени на самите граници помеѓу ЦЕФТА страните со членките на ЕУ тие ќе бидат приоритет и во она што се очекува да биде усвоено оваа есен односно акцискиот план за единствената регионална економска област 2 во која како царинска управа ќе дадеме свој придонес и очекуваме сето тоа во понатамошниот период да има големо влијание врз подобрување на регионалната и економската соработка, рече Танасоски.

Мајлинда Брегу,генерален секретар на Советот за регионална соработка кажа дека коридорите помогнале за проток на лекови и стока за кои на почетокот на пандемијата сите беа загрижени. Таа појасни дека целиот регион има 14 премини и на почетокот на камионите им биле потребни 20 исцрпувачки часа да ги преминат границите и дека не треба да се заборават ниту економските трошоци. Со отварање на коридорите на ниво на регион, вели, Брегу се очекува заштеда од 800 милиони евра. Таа повика сите да извршат притисок да се отворат вакви коридори помеѓу земјите од регионот.

Матеј Закоњшек, директор на ЕУ Транспортна заедница рече дека овој премин е светол пример како треба да функционираат граничните пемини, а овој проект, како што нагласи, треба да се прошири и помеѓу земјите од Западен Балкан и кон земјите од ЕУ.

Тој додаде логистичките трошоци на фирмите и на граѓаните кои предолго чекаат на премините се два пати повисоки во однос на оние од ЕУ. Камионите во просек чекаат од 7 до 48 часа на границите и како последица на тоа фирмите мора да ангажираат двапати поголем број на камиони да ја завршат истата работа како и во ЕУ.

Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ, пак, укажа, дека бил потребен само месец да се разработи проектот почнувајќи како идеја, нагласувајќи дека 400 лица од земјите од Цефта работеле, вклучително и повеќе управи, ветеринарна, фито-санитарна, здравство.

– Она што сакаме да работиме да се поврзат коридорите со европските коридори да имаме вакви премини и на границите со ЕУ што не е случај, ги имаме во рамки на ЦЕФТА, а сакаме да ги имаме и со ЕУ за побрзо поминување на робата бидејќи најголем проблем кои ги имавме сите шест страни на ЦЕФТА беа со пренос на стока преку ГП кои водат кон ЕУ и таму колоните беа најдолги, рече Џикиќ. Тој дополни дека целта е камионот со стока да тргне од фирмата и на преминот службите да знаат што превезува и однапред да испланираат каква постапка треба да спроведат.

Саша Миленковиќ, управник на Царинарница Ниш, нагласи дека проектот е од заеднички интерес, го намалува задржувањето на камионите, на овој начин земјите стануваат поконкурентни и очекува поголем број камиони во иднина.

Одговарајќи на новинарски прашања директорот на Царината рече дека Владата, премиерот, министерствата разговараат со бизнис заедницата за воведувања одредени олеснувања за да ѝ помогнат

– Она што го прави Владата во комуникација со бизнис секторот во контекст на тоа каде може да се интервенира за да може да се олесни и зголеми конкурентноста на самите економски оператори. Во тој контекст беа направени средби на надлежни министри премиерот и очекуваме во брзо време покрај четвртиот сет на мерки и континуирано да се преземат мерки за олеснувања дали од царински стапки или други давачки за олеснување на работењето на претпријатијата за време на корона криза. Четвртиот пакет ќе биде пакет на олеснување на последиците од ковид,а ова за кое ние разговараме е посложен процес за кој треба да се направи анализи од различни институции, да се седне уште еднаш и да се видат сите можности да се излезе во пресрет на бизнис заедницата, рече Танасоски.

Во меѓувреме и од ЦЕФТА најавија дека ќе направат одредени зајакнувања во договорот помеѓу земјите членки, за да се зајакнат механизмите за решавање на споровите помеѓу државите кои досега се надминуваа на билатерално ниво.ам/лв/

Back to top button
Close
Close