Дописници МКДОпштински вести

Здружението „Грин.орг“ од Кочани ќе поднесе кривична пријава за аерозагадување против компанијата „Пејпар мил“

Граѓанското здружение „Грин.орг“ од Кочани ќе поднесе кривична пријава против компанијата „Пејпар мил“ и нејзиното раководство поради прекумерното и недозволено испуштање чад од фабричкиот оџак и загадување на животната средина.

Кочани, 25 мај 2020 (МИА) – Граѓанското здружение „Грин.орг“ од Кочани ќе поднесе кривична пријава против компанијата „Пејпар мил“ и нејзиното раководство поради прекумерното и недозволено испуштање чад од фабричкиот оџак и загадување на животната средина.

Од Здружението информираа дека при крај е постапката за прибирање на доказниот материјал, што заедно со пријавата ќе биде поднесен до Основното јавно обвинителство во Кочани, а ангажиран е и правен застапник кој очекува соодветна судска постапка.

-Од Министерството за животна средина и просторно планирање побаравме информации за тоа кои инспектори и колку редовни и вонредни инспекциски надзори спровеле досега, како и за резултатите од акредитираните лаборатории кои вршат мерења на загадувањето од оџакот на „Пејпар мил“. Оттаму добивме делумен одговор, односно дека кон крајот на минатата година е поставен воден филтер, а за подетални информации нѐ упатија во Секторот за индустриско загадување во рамки на истото министерство. Се обративме и таму, па по добивањето на одговорот ќе ја комплетираме кривичната пријава. Очекувам Јавното обвинителство да се посвети на постапката, затоа што со аерозагадувањето во прашање е доведено здравјето и животот на граѓаните во целата општина, истакна Иван Лефков, правен застапник на здружението „Грин.орг“.

Активистите од „Грин.орг“ сметаат дека во периодите кога биле правени инспекциските надзори и мерењата на загадувањето, работната активност на фабриката за хартија била намалена за да се прикажат параметри што ќе бидат во рамки на законски дозволеното ниво.

– Паралелно со актуелната ситуација во државата поради епидемијата од КОВИД-19, продолжува деградирањето на животната средина, а забележуваме поинтензивно испуштање на црн чад во текот на ноќните часови и во празничните денови. Ние не сме против работењето на „Пејпар  мил“, но бараме да се почитуваат законските одредби и условите што се пропишани во издадената А-интегрирана еколошка дозвола, истакна Орце Николов, актист од „Грин.орг“.

Граѓаните на Кочани неколкупати организираа и протести пред кругот на фабриката, од кој последниот беше во средината на февруари, но состојбата со загадувањето на воздухот не е променета. та/аа/

Back to top button
Close
Close