Дописници МКДОпштински вести

Заврши мрестот на крапот во Осломејско езеро

По нешто повеќе од еден месец заврши мрестот на крапот во Осломејско езеро. Во исто време имаше ловостој на поголемиот дел од езерскиот брег, каде вообичаено најмногу се мрести овој вид слатководна риба, со која езерото е порибено во четири наврати.

Кичево, 19 јуни 2021 (МИА) – По нешто повеќе од еден месец заврши мрестот на крапот во Осломејско езеро. Во исто време имаше ловостој на поголемиот дел од езерскиот брег, каде вообичаено најмногу се мрести овој вид слатководна риба, со која езерото е порибено во четири наврати.

-Мрестот се одвиваше од средината на мај до средината на јуни. Резултатите се видливи и во наредните  неколку години очекуваме крапот во многу поголем број да биде присутен во Осломејско езеро, токму поради успешниот мрест во последните неколку години, вели Мире Ночески, портпарол на риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево, задолжено да води грижа за рибниот фонд на езерото и заштита на рибата во оваа акумулација.

На Осломејското езеро во време на мрестот имало континуиран надзор за да нема криволов или евентуално неуспешно мрестење.

-Во текот на денот, а често и во ноќните часови, се вршеше обиколка на езерото, посебно во оние делови каде најмногу се одвива мрестот. Нашите очекувања се големи, ако се има предвид успешноста на мрестот на крапот. Резултатите најмногу ќе бидат видливи во наредните 3-4 години, кога рибниот подмладок ќе достигне завидна големина, додаде Ночески. за/мч/

Back to top button
Close
Close