Дописници МКДОпштински вести

Заврши инклузивната ликовна  колонија „Езерски убавини“

Во детското одмаралиште „Мајски цвет“ во Струга, изминатите шест дена се одржа инклузивна ликовна колонија насловена „Езерски убавини“, на која учествуваа петнаесет велешки основци, 10 од редовните основни училишта  и пет деца  од Посебното основно училиште  „Маца Овчарова“.

Велес, 19 јули 2019 (МИА) – Во детското одмаралиште „Мајски цвет“ во Струга, изминатите шест дена се одржа инклузивна ликовна колонија насловена „Езерски убавини“, на која учествуваа петнаесет велешки основци, 10 од редовните основни училишта  и пет деца  од Посебното основно училиште  „Маца Овчарова“.

Како што појасни за МИА, Зага Колодезни, дефектолог во ПОУ „Маца Овчарова“ и автор на проектот целта на проектот насловен  „Ликовен инклузивен караван“, во чии рамки се одржа и оваа ликовна колонија во Струга, е подобрување на социјалната инклузија на деца и млади со попреченост на возраст од 13 до 15 години преку ликовно творење заедно со  нивни врсници од редовните основни училишта, преку  меѓусебно запознавање и другарување.

Драганчо Таневски, ликовен педагог и ментор во проектот, вели дека целта на завршената колонија во Струга била преку ликовно творештво да ги спојат децата од редовните и посебното училиште и меѓусебно да другаруваат.

-Овие ученици ги донесовме во Струга за да ги видат езерските убавини и да се запознаат со градот, а потоа  своите впечатоци да ги пренесат на бело платно.Тие под мое менторство и појаснување на техниките за цртање и сликање, прво седнати покрај езерото набљудуваа, потоа правеа скици седнати и на крај во дворот на детското одмаралиште, се запознаа со акрилните бои, кои ги одбрав, бидејќи  брзо се сушат. На едно платно работеа по двајца учесници и така на на најубав начин меѓусебно се запознаваа  и  другаруваа, појасни Таневски.

По оваа ќе се одржат уште две инклузивни ликовни колонии: една во август во велешко Папрадиште и на почетокот на септември во археолошкиот локалитет Стоби.

Сите дела од разни техники  од овие три инлузивни ликовни  колонии како и делата од  неколкуте претходно одржани работилници во Велес, на крај  ќе бидат изложени на продажна изложба, а која како што најави Колодезни, е планирана на почетокот на октомври во Велес.ад/ир

Таг
Back to top button
Close
Close