0_Македонија.ПорталБизнисБизнис.ПорталПолитика

Заврши 27-от Копаоник бизнис форум

Со обраќањето на српската премиерка Ана Брнабиќ и завршното излагање на Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти од Србија, заврши 27-от Копаоник бизнис форум, што досега привлече најголем број учесници.

Скопје, 5 март 2020 (МИА) – Со обраќањето на српската премиерка Ана Брнабиќ и завршното излагање на Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти од Србија, заврши 27-от Копаоник бизнис форум, што досега привлече најголем број учесници.

Посебни гости на Форумот беа поранешните претседатели на држави и влади од регионот меѓу кои и поранешниот претседател, Бранко Црвенковски.

На форумот присуствуваа повеќе од 1.300 учесници, околу 200 панелисти, беа организирани 28 панели на кои се одвиваа интересни дискусии.

– Копаоник бизнис форум години наназад се обидува да постави платформа за дијалог на различни учесници во општествениот и политички живот и во склад со тоа на Форумот присуствуваа стопанственици, академици, луѓе што доаѓаат од науката, од меѓународни финансиски организации но и оние кои ја креираат економската политика. Сметаме дека само низ аргументирана расправа на овие учесници може да се дојде до квалитетни и одржливи решенија, заклучи Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти од Србија и на програмскиот одбор на КБФ.

Како што соопштија организаторите, и  овогодинешниот Копаоник бизнис форум имаше регионален карактер. Централна тема на Форумот беше четвртата индустриска револуција – предизвици на иднината.

– Ќе настојуваме сѐ повеќе да го регионализираме собирот, и сѐ повеќе простор да им дадеме на регионалните и заеднички теми. Оваа година дефиниравме централна тема која е подеднакво важна за сите земји во регионот, бидејќи во тек се големи и важни промени кои ќе го изменат светот, ќе го модифицираат начинот на кој се произведуваат, дистрибуираат и разменуваат вредности и ќе ги променат односите меѓу поединците, а потоа и сите институции и самиот поединец, истакна Влаховиќ.

Темите кои се покренаа на Форумот беа прилагодени на централната, се говореше за образованието, кое според Влаховиќ, мора да биде столб на развојните политики на сите земји во регионот, се зборуваше за вештачка интелигенција но и за потребата посебно внимание да се посвети на климатските промени, стои во соопштението.

Од регионалните теми се зборуваше за потребата од инфраструктурно поврзување на регионот како и прилагодување на законските регулативи со цел да се олеснат економските врски меѓу земјите.

Копаоник бизнис форумот го организира Сојузот на економисти на Србија во соработка со Мастеркард. Форумот претставува своевидна интерактивна платформа за размена на мислења, за аргументирана, конструктивна дискусија и согледување на клучните реформски предизвици од политички, деловен и економски аспект. Како секогаш досега, Копаоник бизнис форум и оваа година беше саем на идеи и место на кое се сумираат резултатите од економските политики во изминатата година на регионално ниво. нд/aa/

Таг
Back to top button
Close
Close