0_Македонија.ПорталАнализаДописници МКД

Заштитните маски, последната пречка пред короната, дали за некого се бизнис?

Заштитната маска - заштитено секојдневие. Памучни, дезенирани, повеќеслојни, маските се дел од живеењето. Особено ако се слушнат епидемиолозите и бројните стручњаци дека главната заштита од коронавирусот се маските, физичката дистанца и хигиената.

Прилеп, 30 јули 2020 (МИА) – Заштитната маска – заштитено секојдневие. Памучни, дезенирани, повеќеслојни, маските се дел од живеењето. Особено ако се слушнат епидемиолозите и бројните стручњаци дека главната заштита од коронавирусот се маските, физичката дистанца и хигиената.

Но, што се случува со понудата, со цените на маските и колку тоа се контролира?

Од Пазарниот инспекторат велат – на телефонот 191 главно граѓаните се жалат на повисоките цени, немањето декларација.

Во Северна Македонија имаме неконтролирани, но и сертифицирани производители на маски. Што се случува со производната, а потоа со малопродажната цена?

Јане Ѓорески, менаџер на производителот на маски „Конфи Ангел“, го објаснува процесот, цените кај нас и на светскиот пазар. Едни од првите во земјава се што се преструктурираа, набавија машини и произведуваат сертифицирани заштитни маски.

– „Комфи Ангел“ е една од првите сертифицирани компании за производство на маски. Значи, имаме степен 1 и степен 2 сертификација, односно произведуваме два типа маски: заштитни маски и медицински маски со над 90 проценти заштита. Моменталното неделно производство е помеѓу 800 000 до еден милион, без разлика од кој тип се. Околу 80 отсто се продаваат на домашниот пазар, а остатокот за извоз во Германија, Австрија, Англија. Кога го почнавме процесот, се изработуваа рачно и според трошоците цената беше од 14 до 16 денари. Но со автоматизацијата, големопродажните цени опаднаа. На светскиот пазар се движеше од 0,28 центи, цените на големо паднаа на 0,12 центи или околу 8 – 9 денари. Станува збор за увозните маски. Истиот концепт треба да биде следен секаде. Зашто маската е задолжителна, секој мора да ја обезбеди. Се произведуваат маски со преку 80, па и над 90 проценти заштита, објаснува Ѓорески.

Локално работат со неколку фармацевтски компании. Големопродажната цена е од 10 до 12 денари, зависно од типот на маската, а за извоз цената е околу 13 денари. Во малопродажба се од 25 до 35 денари. Но со текот на времето конкуренцијата порасна, цената падна и варира.

– Моментално на домашниот пазар големопродажната цена е  7, 8, 9, 10 денари. Пазарот се заситува со заштитни маски. Малопродажните цени, според сознанијата, варираат: 15-20 денари за еднократна употреба, па се оди и до 35 денари. Има распон на цените, а не треба, анализира Ѓорески.

Главно маските во земјава се од домашно производство. Имаме пазарна понуда и побарувачка. Има повеќе производители, цената слегува, па би требало и во малопродажбата.

Во аптеките е последната алка од синџирот на цените. Ане Јанеска, фармацевтка, вели дека еднократните се движат од 20, 35, па и повеќе денари, а оние поскапите со голема заштита и до 400, па и 500 денари.

Но повеќето гласно го поставуваат прашањето: околу пет месеци од пандемијата, основниот продукт, заштитните маски, уште „држат“ цена. А се задолжителни и законски.

Пазарниот инспекторат констатира дека не можеа да се менуваат цените додека траеше вонредната ситуација, беа замрзнати од 11 март. На жалбите на граѓаните дека нема декларација, од Инспекторатот велат дека домашните производители даваат декларација. Но тешко може да се следи синџирот производите, веледрогерија, аптеки. И најбитен е делот веледрогерија – аптека. Кои се покачувањата?

И без големи анализи ако се следи ситуацијата, потребна е анализа кај веледрогериите. Тие се алката на „прекршување помеѓу производителите и цената во малопродажбата. Граѓаните главно, без да прават проблем, велат, па не е многу скапо. Но, аналитичните не отстапуваат: заштитните маски треба да се достапни до граѓаните, особено ако се законски и задолжителни и речиси единствената пречка за да не се заразиме со смртоносниот вирус. Па државата треба да пушти „рака и срце“. Да ги заштити граѓаните. Не може тие да го плаќаат цехот на заработувачката. Станува збор за здравјето. А на пандемијата не ѝ се гледа крајот.

Елизабета Митреска

Back to top button
Close
Close