Видео изјаваОпштински вестиСкопје

Засадени седум платани по повод 70-годишнината на Градежниот и Архитектонскиот факултет

Во паркот во кругот на Градежниот и Архитектонскиот факултет, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и претставници на овие две високообразовни институции денеска засадија седум садници од видот платан.

Скопје, 6 декември 2019 (МИА) – Во паркот во кругот на Градежниот и Архитектонскиот факултет, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и претставници на овие две високообразовни институции денеска засадија седум садници од видот платан.

Симболичната акција за засадување се организираше по повод 70-годишнината од формирањето на Факултетот за градежништво и архитектура, од кој произлегоа денешните Градежен и Архитектонски факултет, во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

– Градот Скопје на симболичен начин ја честита 70-годишнината на овие два факултета, односно за секоја деценија постоење засадивме по едно дрво. Овој парк Градот Скопје го уреди минатата есен, целосно го обновивме зеленилото и поставивме соодветна урбана опрема. Проектот беше реализиран преку потпишување меморандум за соработка меѓу Град Скопје и двата факултета кои го делат овој простор. Овие врати повеќе не се затвораат, а овој парк освен што е двор на факултетите, претставува и јавен простор кој може да го користат граѓаните. Ние имаме добра соработка со овие два факултета и добиваме добри совети во однос на идниот исправен развој на градот, а таа соработка во иднина и ќе ја продлабочиме,  изјави Шилегов.

Тој потсети дека оваа есен беа засадени над 7.000 садници на различни локации во сите градски општини, беа подигнати неколку нови паркови и беа разубавени неколку постојни парковски површини. Подигнати се и нови дрвореди долж градските улици и булевари, дополнети се постојните дрвореди, обновено е средишното булеварско зеленило, а уредени се нови зелени површини и мали зелени плоштади.

Како што соопштија градските власти, подигнувањето нови зелени површини останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје, а во исто време се работи на обнова на загубеното зеленило. Целта е градот да добие повеќе чисти зелени површини.

Во таа насока, Шилегов ги повика и другите научно-образовни институции да засадат дрвја во своите дворови и во соработка со Градот Скопје да ги уредат со зеленило.

На настанот се обрати и деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, кој ја поздрави добрата соработка со Градот Скопје. сп/

Back to top button
Close
Close