0_Web_АктуелноДописници МКД

Започна меморијалниот марш во спомен на загинатите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци

Стотина лица утрово околу 6 часот го започнаа меморијалниот марш од скопското село Ласкарци, каде што пред една година се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа 16, а беа повредени 35 лица.

Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Стотина лица утрово околу 6 часот го започнаа меморијалниот марш од скопското село Ласкарци, каде што пред една година се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа 16, а беа повредени 35 лица.

Пред почетокот на маршот беа пуштени лантерни (книжени балони со свеќи), со што им се оддаде почит на загинатите.

Иницијативата за граѓанскиот марш ја поведоа група планинари и е поддржана од Општина Гостивар. Според предвиденото, маршрутата е долга 55 километри.

– Покрај сеќавање на жртвите во трагедијата, со овој марш сакаме да испратиме порака до надлежните државни институции да ги преземат сите неопходни мерки за поголема безбедност во патниот сообраќај и упатуваме апел до надлежните институции докрај да го расчистат овој случај и да се дознаат причините кои доведоа до трагедијата, порача градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, од местото каде што започна маршот.

Предвидено е маршот да заврши на градскиот плоштад во Гостивар во попладневните часови.

На 13 февруари 2019 година, во попладневните часови во сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово, од коловозот излета автобус на компанијата „Дурмо турс“, кој превезуваше патници на редовна линија од Скопје кон Гостивар.

Во несреќата животите ги загубија: Бобан Аврамовски, Трпана Јаневска, Дејан Ристоски, Онур Садику, Есат Емрули, Ајдин Исмаили, Раметула Абдураими, Валдете Хамити, Арсе Арсоски и Ерза Османи Јовица, Трпевски, Бесим Фетаи, Бејза Узеири, Зоран Давидовски, Ферди Касо и Павле Костоски.

Во тек е судски процес, во кој за несреќата се осомничени седум лица, од кои шест лица за „тешки дела против безбедноста и луѓето во имотот и сообраќајот“, а седмиот е обвинет за „несовесно работење во службата“. згм/скс/

Back to top button
Close
Close