Општински вестиСкопје

Започна изградбата на третата фаза од проектот за изградба на булевар „АСНОМ“

Изградбата на третата фаза од проектот за изградба на булевар „АСНОМ“ започна денеска. Станува збор за трета и последна фаза од овој булевар, делница од околу 350 метри, која се наоѓа на крстосницата со булевар „Гоце Делчев“ па сè до новиот мост „Генерал Михајло Апостолски“ кај Хотел Русија, кој е во завршна фаза.

Скопје, 24 јули 2021 (МИА) – Изградбата на третата фаза од проектот за изградба на булевар „АСНОМ“ започна денеска. Станува збор за трета и последна фаза од овој булевар, делница од околу 350 метри, која се наоѓа од крстосницата со булевар „Гоце Делчев“ па сè до новиот мост „Генерал Михајло Апостолски“ кај Хотел Русија, кој е во завршна фаза.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, при денешната изјава по повод започнувањето на изградбата на третата фаза, кажа дека планот е таа да се изгради за неколку месеци и неговите очекувања се овој нов коридор да биде пуштен во употреба на почетокот од следната година.

– Со пробивањето на овој коридор, наредната година, граѓаните на Ново Лисиче и Аеродром ќе имаат уште еден влез во центарот на градот, во кој што покрај автомобилскиот сообраќај, станува збор за булевар од шест ленти, на кој што ќе воспоставиме и велосипедски патеки и на кој што ќе бидат пуштени и нови автобуски линии со што всушност ќе овозможиме движење на граѓаните на секаков начин за многу побрзо и пократко време, како и помалку трошоци, истакна Шилегов.

Градоначалникот на Општина Гази Баба,  Борче Георгиевски, на настанот истакна дека со отпочнувањето на третата фаза од булеварот АСНОМ, се става крај, на, како што рече, сообраќајната бркотница и метеж во делот на Гази Баба, Аеродром и Центар.

– Сообраќајното решение кое што ќе ги поврзува општините Центар, Гази Баба и Аеродром, од булеварот „Гоце Делчев“, новопроектираниот булевар „АСНОМ“, заедно со мостот „Генерал Михајло Апостолски“ претставуваат вистинска целина каде што ќе се обезбеди брз и безбеден сообраќај за сите жители од овие три општини, вклучувајќи ги и другите општини во градот Скопје, рече Георгиевски.

Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар, истакна дека со ова проширување ќе се избегне досегашната гужва во постоечките сообраќајници со кои што беа поврзани општина Центар и општина Аеродром, и со тоа, според него, ќе се растовари центарот на градот што, како што кажа, е поента на ваквите големи инфраструктурни проекти.

На настанот се обрати и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, кој посочи дека овој проект е од огромна важност за граѓаните на општина Аеродром бидејќи со него се растеретува сообраќајот на општината за 30 проценти. ар/сст/

Таг
Back to top button
Close
Close