0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваПолитикаПолитички партии

Заев ја презентираше изборната програма и порача дека СДСМ е партија предводник на промени

СДСМ е партија предводник на промените. Партија која го унапредува политичкиот плурализам. Партија на прогресот во Северна Македонија. Партија која работи за сигурна македонска иднина. Денес СДСМ и сите кои сме дел од неа ги продолжуваме одговорните и државотворни политики кои водат напред кон интеграција, развој и подобра иднина на сите граѓани, порача лидерот на СДСМ во обраќањето на почетокот на 24 Конгрес на партијата.

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Сто илјади нови работни места и раст на платите, Грижа за сите, Ред дисциплина и правда, Ние сме НАТО одиме кон ЕУ и Сите за еко држава се петте столба на кои се темели изборната програма на СДСМ, насловена „Можеме! Уште повеќе, уште подобро“, која денеска на Конгресот на партијата ја претстави нејзиниот лидер Зоран Заев.

Тој пред присутните на 24. Конгресот вечерва, на кој СДСМ треба да ги објави носителите и листите за пратеници на наредните предвремени парламентарни избори, рече дека СДСМ е партија предводник на промените, партија која го унапредува политичкиот плурализам и партија прогресот во Северна Македонија.

-Со мерките и политиките во Програмата градиме економски силна и стабилна земја. Праведна, правична и правна држава, членка на НАТО, земја која успешно преговара со Европската Унија. Зелена, еколошка, дигитализирана, иновативна држава која има што да им понуди на своите млади. Развиваме држава за достоен живот. Држава со пристојна живеачка за сите. Градиме систем во кој трудот на работниците се вреднува и плаќа. Плата од која останува и за живот. Сакаме држава во која младите остануваат и напредуваат. Држава која младите ги развива рамо до рамо со нивните врсници од Европа. Ако можевме за две и пол години да ја извадиме земјата од финансиски колапс и да обезбедиме највисок раст на платите до сега, сигурни сме дека во следниот мандат можеме уште повеќе и уште подобро, порача Заев, презентирајќи ја програмата пред членовите на Конгресот.
Тој нагласи дека нема да престанат со заложбите за раст на платите во сите сектори, за сите граѓани и вети минимална плата од 300 евра и просечна плата од 600 евра до крајот на мандатот –
-Тоа е нашата понуда до граѓаните. Покажавме дека со СДСМ платите растат повеќе и побрзо. Но, знаеме, можеме и ќе обезбедиме да растат уште повеќе, за уште подобро за граѓаните. Пензиите ќе пораснат 21 отсто и тоа 6 отсто во 2021, 7 отсто во 2022 и 8 отсто во 2023 година. Минималната пензија ќе порасне од 8.000 на 10.700 денари, најави Заев.
До крајот на новиот мандат, социјалната помош која сега е поголема за 300 отсто, истакна лидерот на СДСМ, ќе ја примаат 34.000 домаќинства како гарантирана минимална помош, а 65.000 деца ќе примаат детски додаток. Најави поголем опфат на децата во предучилишна возраст, ослободување од плаќање партиципација за градинка сите деца од семејствата со ниски приходи, додатоците за сите права за попреченост ги зголемуваме за 15 отсто во 2021 година, изградба на 777 социјални станови, нов клинички центар Скопје, а во Охрид, Тетово и Струмица модерни регионални здравствени центри…
Во столбот посветен на правосудството Заев најави прочистување во правосудството.
-Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам. Започнува детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители. Ќе се врши темелна ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Ако за две и пол години донесовме правичност, ќе донесеме и правда и одговорност, увери претседателот на СДСМ пред делегатите.
Како еден од најголемите успеси на Владата на СДСМ, рече, е членството на државата во НАТО што значи сигурна иднина и гарантиран брз економски развој затоа што Северна Македонија добива пристап до пазар од четири милијарди евра годишно.
-Членството во НАТО е влезна карта за ЕУ. Започнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството на подобро.  До крајот на мандатот, до 2024 ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ. Од европски фондови обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија, истакна Заев.
Петтиот столб од Програмата – Еко држава вклучува многу мерки во насока на обезбедување чист воздух и здрава животна средина, како строга контрола и високи казни за загадувачите, комунална полиција во секоја општина и 24-часовен надзор врз инспекциските служби, тројно повеќе еко инспектори и тројно повисоки казни за фабриките кои немаат еко филтри, двојно повисоки казни за граѓаните кои загадуваат.
-Помошта за нашите граѓани за современ и еколошки начин на загревање продолжува уште повеќе и уште подобро. 60.000 домаќинства ќе добијат бесплатен еко инвертер со цел забрана за употреба на фосилни горива. Обезбедуваме субвенции за приклучување на централно греење и за набавка на филтри на оџаците на домаќинствата. Гасот пристигнува до семејствата, а данокот за увоз на електрични и хидрогенски возила го укинуваме, заклучи Заев.

Како гости на 24. Конгресот на СДСМ присутни се лидерите на ВМРО-НП и на Обединети за Македонија, Љубчо Георгиевски и Љубе Бошкоски, на БЕСА новиот коалицискиот партнер на СДСМ, Билал Касами, од НСДП е присутен потпретседателот и пратеник, Горан Мисовски. На конгресот присуствуваат и лидери или претставници од сите партии коалициски парнери на СДСМ, од чии редови ќе се најдат кандидати на листите во шесте изборни единици. Присутни се речиси сите пратеници од актуелниот состав на Собранието, кои доаѓаат од редовите на СДСМ и Коалицијата.

На почетокот на 24 Конгрес Заев во своето обраќање истакна дека за само две и пол години, колку СДСМ ја предводи власта, реализирале голем дел од своите политики за враќање на парите кај граѓаните, притоа, како што рече решавајќи и крупни прашања кои помогнале државата да се движи напред.

-За само две и пол години државата и општеството напредуваат на секое поле. Правиме пресврт на подобро, рече Заев.

Додаде дека во 2016 СДСМ најавила концепт за враќање на парите назад кај граѓаните, кој како што рече, за само две и пол години во најголем дел го реализирале. Притоа потсети на укината радиодифузна такса, воведување ефтина тарифа на струјата, намалување на нотарски, адвокатски и извршителски трошоци, намалување на казни, враќање на дел од ддв кај  граѓаните преку Мој ДДВ, зголемување на социјалната помош за 300 проценти, воведување социјална пензија, зголемување на субвенции за земјоделци…

Исто така, рече Заев, ветивме плата од 30.000 за цел мандат, а само за две и пол години таа изнесува 27 илјади, ја зголемивме минималната плата на 14.500 денари, а ги покачивме и пензиите.

Успешните економски политики, рече, довеле до тоа растот на БДП за минатата година да биде 3,6 отсто, повисок од планираните 3,5 отсто, имајќи предвид дека пред три години тој бил -1,8 отсто.

Лидерот на СДСМ, меѓу другото, додаде дека нема веќе страв, нема медиуми под диктат, ниту газење врз луѓето, напротив, рече имја вложување во луѓето, парите одат кај народот, а не во стиропор, фасади, жални врби и галии.

-Државата од изолации и стагнации ја донесовме на патот на евроинтеграциите. Денес нашата убава земја Северна Македонија е 30-та земја членка на НАТО, истакна Заев.

Тој нагласи и дека во некои сегменти има уште многу работа и го издвои правосудството како еден од нив каде се спроведени реформи за зајакнување на капацитетот на правната држава. Во тој контекст го спомена Законот за јавно обвинителство.

-Требаше време но по серија реформски закони конечно донесовме нов ефикасен и совреме закон за јавното обвинителство. Предметите ќе имаат завршница. Политичарите остануваат настрана од обвинителите и судиите, нема скриени амнестии, на некого ова секако не му се допаѓаше но оние кои се за правда надгласаа со две третини во Собранието. Сега правосудството е на ред да испорача правда без да се соочува со какви било политички или други притисоци. Тоа не е само мое или ваше очекување, тоа е очекување на сите граѓани, на сите наши пријатели и сојузници, нагласи лидерот на СДСМ.

И во следниот период, најави, ќе работат на судството да делува независно, нелеселективно и професионално, со што ќе ја покажат посветеноста и заложбата за градење општетство кое е препознаено како фер, праведно, солидарно и економски стабилно.

-Нашите политики се признаени и препознаени. Затоа СДСМ секојдневно расте, затоа Коалицијата предводена од СДСМ се зголемува со нови политички партии кои се спремни да работат заедно со нас во унапредувањето на животот на сите граѓани. Затоа денес СДСМ ја предводи најголемата најразноликата и најсилната коалиција која е апсолутен фавотит на изборите на 12 април, коалиција која што ќе победи.

Направивме многу во изминатите две и пол години, нагласи Заев, и додаде дека сега е време да се обврзат на нови цели пред граѓаните и пред себе си.

-На толку оставрени резултати денес пред целата македонска јавност со крената глава одговорно кажуваме „Можеме уште повеќе и уште подобро, бидејќи знаеме и умееме“, порача Заев. вг/цр/

Конгрес на СДСМ

Posted by MИА.mk on Понеделник, 09 март 2020

Back to top button
Close
Close