0_Web_Насловна-слајдерПарламентарни избори 2020ПолитикаПолитички партии

Заев од Струмица: Со СДСМ македонската иднина е сигурна, безбедна, извесна

Лидерот на СДСМ и носител на листата на Коалицијата „Можеме“ во изборната единица број 4, Зоран Заев, денеска со изјава за медиумите во Струмица ја почна кампањата за вонредните парламентарни избори што треба да се одржат на 15 јули.

Струмица, 24 јуни 2020 (МИА) – Лидерот на СДСМ и носител на листата на Коалицијата „Можеме“ во изборната единица број 4, Зоран Заев, денеска со изјава за медиумите во Струмица ја почна кампањата за вонредните парламентарни избори што треба да се одржат на 15 јули.

-Во изминатите три години државата ја ставивме на правиот пат, на патот кој води напред во НАТО и ЕУ, патот кој носи јасен напредок и подобар живот. Од економија во минус каква што наследивме денес имаме стабилна развојна економија со постојани стапки на раст, економија во која платите растат во сите сектори, а невработеноста се намалува. Имаме македонска економија која стои исправено пред налетот на кризата која ја предизвика корона вирусот. Со брзи одмерени и економски мерки спасивме илјадници работни места. Ја помагаме приватната потрошувачка и куповната моќ на граѓаните со пониски примања.Тоа овозможува шанса за брза и ефикасна трансформација на нашата економија, истакна претседателот на СДСМ.

Додаде дека сега е време за нови иницијативи, за нови потфати и успеси на кои се обврзуваат.

-Имаме план, имаме модел за успешно справување со последиците од корона кризата. За уште посилен економски раст, уште поодговорни институции. Подготвивме мерки кои носат правда и дисциплина. Градиме држава за достоинствен живот за сите. Инвестираме во македонското здравство за уште поголема грижа за здравјето за граѓаните. Создаваме земја на слободни и одговорни луѓе, држава која ги решава проблемите на ефикасен и праведен начин, држава која обезбедува почитување на законите и неселективна казнивост за криминалот, подвлече Заев.

Посочи дека е остварен врвниот стратешки интерес со влегувањето во НАТО, а земјава почнува преговори за членство во ЕУ.

-Сега знаеме, сигурни сме дека го можеме тоа. Тоа носи сигурна иднина за сите нас и за сите наши деца и гарантиран брз економски развој. Со СДСМ македонската иднина е сигурна, безбедна и извесна, рече лидерот на СДСМ.

За ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, истакна дека е партија без став за ниту едно важечко прашање. Партија која не успеала да се промени и која секој ден претставува опасност за државата.

-Затоа, на 15 јули секој од нас има јасен и едноставен избор, сигурност или опасност. Напред по прав пат или назад во провалијата. Јас знам, знаат и граѓаните дека нема назад. Знаеме дека пред нас е бришан простор за освојување, за одење напред и знаеме дека по 15 јули по победата заедничи ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Тој, заедно со дел од кандидатите за пратеници во изборната едница број 4, денес ќе оствари средби со повќе категории граѓани, а вечер треба да одржи граѓанска трибина. рт/мд/

Изјава Зоран Заев претседател на СДСМ

Posted by MИА.mk on Среда, 24 јуни 2020

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close