0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Заев ја предводи владината делегација на Самитот на НАТО во Лондон

Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува утре и задутре на Самитот на НАТО во Лондон, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.

Скопје, 2 декември 2019 (МИА) – Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува утре и задутре на Самитот на НАТО во Лондон, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.

Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади в среда на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Северна Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата, откако во февруари оваа година беше потпишан Протоколот за членство, што досега го ратификуваа 28 членки на НАТО.

По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Со учеството на состанокот на лидерите на земјите членки, Северна Македонија ја потврдува определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи со најмоќната воена и политичка алијанса заснована на демократски вредности, како основа за заеднички просперитет и за напредок на земјите членки, се наведува во владиното соопштение.

Скорешното полноправно членство во НАТО, се додава во соопштението, е реализација на стратешката цел на нашата земја зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.

Заев утре, на првиот ден ос Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”).

Покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.

Заев и членовите на делегацијата на Владата на Северна Македонија за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.

Претседателот на Владата, Зоран Заев е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон. ац/са/

Back to top button
Close
Close