Дописници МКДОпштински вести

За прв пат поставени контејнери за комунален отпад во Разловци

Најоддалеченото село во Делчево, Разловци, за прв пат добива контејнери за комунален отпад. Од општината информираат дека локациите каде се поставени десетте контејнерите се дадени како предлог од жителите и во консултација со надлежните служби од Општина Делчево.

Делчево, 4 март 2020 (МИА) – Најоддалеченото село во Делчево, Разловци, за прв пат добива контејнери за комунален отпад. Од општината информираат дека локациите каде се поставени десетте контејнерите се дадени како предлог од жителите и во консултација со надлежните служби од Општина Делчево.
-Со поставувањето на контејнерите и ова делчевско населено место, влегува во планот за работа на ЈКП „Брегалница“ за редовно чистење на депонираниот отпад во контејнерите со што се очекува да се зголеми свесноста на жителите за животната средина и директно да се придонесе во борбата со дивите депонии кои се голем проблем во Разловци, информираат надлежните.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој денеска беше во Разловци и разговараше со жителите на селото, истакна дека поставувањето контејнери во Разловци е дел од неговата програма и во насока за подобрување на чистотата на животната средина.
-Големиот проблем со дивите депонии во ова село очекувам да го решиме со поставувањето на новите контејнери. Очекувам од жителите со свој личен пример да дадат придонес за чистотата на селото, да го чуваат општото добро и за сите проблеми повзрани со отпадот, да бидат во директна комуникација со комуналното претпријатие „Брегалница“, кое е надлежно за редовно собирање на сметот, рече Трајковски.
Додаде дека деновиве екипи на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ работат на расчистување на дивите депонии создадени во близина на селото, а исто така најави дека контејнери за комунален отпад ќе бидат поставени и во другите населени места, каде досега немало поставено садови за отпад.
Во рамки на активноста за подобрување на јавната чистота набавени се 23 контејнери во вредност од 371 илјада денари. Контејнерите се предадени на ЈКП „Брегалница“ од каде ќе се транспортираат до планираните локации, каде досега биле поставени стари и оштетени контејнери или ги немало. вс/дма/

Back to top button
Close
Close