КултураКултура.Портал

Второ издание на романот „Сестра Касијана“

Во издание на издавачката куќа „Матица“, од печат излезе второто издание на романот „Сестра Касијана“, од авторот Добре Тодоровски.

Скопје, 3 август 2020 (МИА) – Во издание на издавачката куќа „Матица“, од печат излезе второто издание на романот „Сестра Касијана“, од авторот Добре Тодоровски.

Романот, по својата содржина и тематика побуди голем интерес кај читачката публика и за релативно кратко време, иако првото издание беше печатено во поголем тираж од вообичаено, се наметна потребата од второ издание, што е реткост кога се работи за четива од наши автори.

Се работи за романизирана историја на една монашки приказни, еден прекрасен, непосреден, човечки пристап кон монашкиот живот во нашите манастири. И како реткост на овој вид литература кај нас, приказната ја понесува со себе и полнотата на радоста и убавината, не само во однос на соржината, ами и на стилот, нарацијата, последователноста, непосредноста…

– И јас сум изненаден од покажаниот интерес за романот. Можеби тоа се должи на моменталната состојба во државата, кога луѓето повеќе време беа дома и имаа можност да се посветат на читање на некоја книга. Што се однесува до содржината, би потсетил дека обработувам една реална приказна од монашкиот живот на нашите сестри монахињи. Се обидов барем малку да го доловам тој таинствен свет исполнет со молитви, немерлива љубов и среќа во славењето на нашиот Бог… Јас би сакал да е тоа мој мал придонес кон нашата света вера и оние кои во потполност се посветиле да го слават Господа, вели авторот Тодоровски.

Главното фабуларно дејство се пренесува преку ликот на една млада девојка, исклучителен талентиран оперски глас, за многумина познат, како и нејзиниот мирен животен òд. Но, одлучува да се замонаши, и животот да го посвети во слабвењето на Господа, во еден од нашите свети манастири, кои се духовна поткрепа и потреба на нашиот човек. нд/мс/

Back to top button
Close
Close