КултураКултура.ПорталКултура.Слајдер

Втора година „Златна рамка“, во фокусот – успехот на македонскиот филм

Второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“ под мотото „Во наш филм“ ќе биде одржано на 14, 15 и 16 февруари во МКЦ.

Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) – Второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“ под мотото „Во наш филм“ ќе биде одржано на 14, 15 и 16 февруари во МКЦ.

„Златна рамка“ е еден вид отчет пред домашната публика, која ќе има можност  да ги погледне сите  домашни филмови од минатата година, од кои некои не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите. Организаторите најавуваат дека домашната публика ќе има можност да ги погледне новите остварувања во македонската кинематографија, а филмските работници ќе можат да разменат мислења и искуства за нивната работа.

– Друштвото на филмски работници е пред јубилеј од 70 години постоење и за 2020 си постави предизвици, а тоа се: да се официјализира/дефинира статусот на филмските работници што е од круцијална важност за оваа индустрија, како и редефинирање на начинот на финансирање на македонските филмови. Филмската индустрија во Македонија покажа дека може, а сега на потег се институциите и секоја поддршка е добредојдена“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ДФРМ, Игор Иванов – „Изи“.

На второто издание на „Златна рамка“ ќе бидат прикажани 22 филма во три програмски целини (долгометражни, краткометражни и документарни филмови). За време на проекциите, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени по секоја проекција.

Во рамките на „Златна рамка”, покрај тридневната ревија на македонскиот филм од изминатата година, ќе бидат одржани и Свечено Собрание на ДФРМ, промоција на брошурата „Прирачник за филмаџии“ и презентација на МЕДИА деск Македонија на тема „Како се евалуираат проектите на Медиа?“.

Ќе бидат доделени и почесните награди за филмските професионалци: најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник. Предвидена е и трибина насловена „Жената во македонскиот филм“.

Ревијата „Златна рамка“ не е од комерцијален карактер и проекциите ќе бидат бесплатни. Иницијатор и организатор на „Златна рамка“ е Друштвото на филмските работници, во соработка со Агенцијата за филм и Младинскиот културен центар.са/дма/

 

Back to top button
Close
Close