Дописници МКДОпштински вести

Во Велес заврши изградбата на црквата „Свети Јован Крстител“

Повардарската епархија ја заврши изградбата на црквата „Свети Јован Крстител“ во новиот дел од Велес на локација која порано беше во состав на касарната.

Велес, 31 јануари 2020 (МИА) – Повардарската епархија ја заврши изградбата на црквата „Свети Јован Крстител“ во новиот дел од Велес на локација која порано беше во состав на касарната.

Во рамки на црковниот комплекс изградена е и камбанарија на која веќе се поставени три камбани, како и црковно-административни простории, а во тек е изградбата и на параклис, посветен на „Свети Агатангел Битолски“.

Во агендата за целосното завршување на црквата се партерното уредување и фрескоживописот,а по што таа треба да биде осветена.

Од службата за информирање на епархијата истакнаа дека црквата е изградена со нивни средства, како и со доброволни прилози на верниците. Инаку црквата почна да се гради на 30 август 2015 година, кога беше поставен камен-темелник.

Покрај оваа црква, во градот Велес, во тек е изградбата и на црквата „Св. Петар и Павле“ во населбата Превалец.

-Под црковна јурисдикција на владиката Агатангел, во однос на црковно-градителската дејност, би сумирале дека градот Велес доживеа една своевидна црковно-градителска ренесанса, со што се изградени три нови цркви „Св. Кирил и Методиј“, „Св. Јован  Крстител“,  и „Св. Козма и Дамјан“, која е лоцирана во кругот на Општата болница во Велес.  Воедно се се гради и четвртата „Св Петар и Павле“ во населбата Превалец, информираат од Епархијата Повардарска.

Тие потсетуваат дека под јурусдикција на владиката Повардарски, Агатангел до 13  ноември 2011  година целосно била реновирана и црквата „Св Петка“ на излезот од Велес кон Градско.

Во 2009 година беше извршена целосна реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која се преосветена  на 20 февруари 2011 година. Во оваа црква пред неколку години се изградени и два нови параклиса „Св. Наум“ и „Св. Гаврил Велички“.

Во изминативе години Повардарската епархија  направи е и делумна реставрација на останатите постоечки цркви во градот. ад/рп/

Back to top button
Close
Close