Дописници МКДОпштински вести

Во Велес промовирана стихозбирката на Игор Крајчев „Лудило, писма, откровение“

Во ликовниот салон во Велес денеска беше промовирана стихозбирката „Лудило, писма, откровение“ на успешниот и меѓународно познат велешки и македонски писател Игор Крајчев. Книгата ја промовираа проф. д-р Венко Андоновски и проф. д-р Кристина Николовска.

Велес,12 јуни 2021 (МИА) – Во ликовниот салон во Велес денеска беше промовирана стихозбирката „Лудило, писма, откровение“ на успешниот и меѓународно познат велешки и македонски писател Игор Крајчев. Книгата ја промовираа проф. д-р Венко Андоновски и проф. д-р Кристина Николовска.

Проф. д-р Венко Андоновски, кој поетот го споредува со Рацин, појасни дека со првиот циклус Крајчев отвора еден филозофски парадокс, кој се состои во тоа дека изборот значи лишување од полнотијата на битието. Со самото тоа и среќата не е како што многумина мислат сеопфатна и сесодржајна,тука таа лежи токму во чинот на изборот и во избраното.

– Дури и кога си ја погодил метата/знај оти си го промашил/сиот свет околу неа. Токму тоа генерално филозофско становиште го води Крајчев кон ѕидање на филозофската зграда на оваа поезија: таа не е ни метафизичка,ни материјалистичка, туку поезија на личниот духовен опит. Дека не е материјалистичка се гледа уште од првите песни, испеани во Рацинов тоналитет: Уште не им се израдувавме на куќите/двокатни, трикатни/со соби за секој ден од неделата: ги исековме и шумите за да ги загрееме/заборавајќи оти куќа се грее со печки/па домот се топли од домашните. Оваа негова поезија е исповедна поезија на чувства и чувства за поими. Дури и кога говори за идеи (и поими), таа пее за емотивно доживеани и на свој грб почувствувани поими: искуствени поими, поими преведени од парадигмата на генусот (родот) во зоната на субјективното, сетилно искуство, потенцира проф. Андоновски за оваа најнова поезија на Крајчев.

Проф. д-р Кристина Николовска појаснувајќи за тоа како е да се пее за лудилото, од кое се понесени многу автори од фасцинацијата со феноменот лудило.

– Ете, на големиот поет Игор Крајчев, му појде од рака да не поведе и нас-кон нова провокација, можеби болката на сите наши животи, та дури и на сите животи во животите ни … Животи во кои вредностите на најскапоценото-станува се помала, поневидлива и обезвреднета … Да, во време-невреме за човештвото-каде, речиси сите имаме слични стравови и загрижености, слични маки и страданија, можеби и слични закани и судбини. Така поетот го опева нашето време, во кое: Денес е опасно, човек да не е луд … Поетот му припаѓа на феноменот лудило преку три етапи преточени во поетски циклуси: „Лудило“, „Писна“ и „Откровение“ појасни проф. Николовска

Во разговорот за МИА авторот Игор Крајчев за ова свое дело појаснува дека она што посебно го радува е што неговите промотори на ова дело успеале да продрат во суштината на книгата затоа што таа произлегува од една негова силна емотивна внатрешност од изминатата година.

– Она што ме радува кај моите промотори и сите кои ја проследија оваа книга поезија е фактот што успеаја да ја проследат таа градација на самиот развој на книгата од една почетна апатија до нејзиниот крај – до врховната надеж. Само оваа книга започнува со одредена безнадежност и одреден песимизам, но со самиот нејзин тек градира и кулминира со недежта. Сметам дека тоа е тоа што сега му недостасува на човештвото, потенцира Крајчев.

Или како што ќе рече проф. д-р Венко Андоновски поезијата е – писмо. Писма. Писма од себе-до себе. Од себе-до Бога. Од Бога во себе-кон сите … Такво трогателно писмо е најновата книга поезија на знаменитиот македонски поет Игор Крајчев. Поет зрел, рафиниран, поет лирик, поет од стар ков, а сепак, неодоливо-модерен и свеж, ќе го дефинира писателот Игор Крајчев.

Инаку промоцијата беше во рамки на годинашните 58 Рацинови средби.ад/ир

Back to top button
Close
Close