Дописници МКДОпштински вести

Во Велес досега отстранети 80 времени објекти

Со проектите на Општина Велес за уредување на поголеми јавни површини во градот во акцијата за отстранување на времени објекти која започна минатата година досега се отстранети 80 времени објекти, како гаражи и трафики и други објекти, а кои стојат затворени и не вршат дејности.

Велес, 20 август 2020 (МИА) – Со проектите на Општина Велес за уредување на поголеми јавни површини во градот во акцијата за отстранување на времени објекти која започна минатата година досега се отстранети 80 времени објекти, како гаражи и трафики и други објекти, а кои стојат затворени и не вршат дејности.

По изборите продолжи постапката за уште 25 вакви времени објекти кои стојат и не вршат функција, а се на различни локации во градот, информира за МИА, Елизабета Јовчевска секретар на Општина Велес.

На нивното место ќе бидат уредени тревни површини, детски игралишта со клупи за одмор и други намени, а за што Општината ќе одлучи во зависност од потребите на граѓаните.

– Се чекаат роковите, а сопствениците се известени и некои од нив веќе самите ги отстранија, а други кои самите тоа не го сториле, тоа го прават службите на Општина Велес, а за што сопствениците  претходно беа известени, појасни Јовчевска.

На последната, прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање за овој проблем градоначалникот Аце Коцевски појасни дека заради изборите, Општина Велес ја прекинала  постапката, меѓутоа веднаш по изборите истата продолжила и е во тек.

– Тоа продолжи посебно во овој дел на градот меѓу зградите на улицата „Крсте Мисирков“ во Велес кадешто има предвидено финансиски средства за партерно уредување на тие површини меѓу зградите. Дел од гаражите се отстранети од сопствениците, а тие што нема да ги отстранат ќе мора да ги известиме дека ние ќе ги отстраниме, а дека ќе им фактурираме за услугата. Следната година пак имаме  избори и мислам дека тоа политички ќе влијае врз одлуките за тоа  дали ќе продолжат активностите за отстранување на времените објекти, посочи Коцевски.

Тој воедно информира дека одлучил да го искористи законското и Уставното право и да не го потпише решението за објавување во Службен гласник на одлуката која на својата последна седница ја донесе Советот на Општина Велес, а за неотстранување на времените објекти, во кои се одвиваат економски бизнис активности.

– Очекувам да видам каква ќе биде повратната информација на Советот. Доколку Советот одлучи да ја потврди таа одлука јас тогаш ќе морам да ја објавам во Службен гласник, но законот и Уставот ме обврзува да ја обжалам на Уставен суд иако таа процедура е неизвесна, и обично Уставниот суд се прогласува за ненадлежен. Или пак Советот на Општина Велес, односно мнозинството кое ја предложи таа одлука односно групата советници да се предомислат и да променат нешто во одлуката, со цел да биде подготвена за јас да  можам  да ја потпишам и да ја објавам во Службен гласник, појасни Коцевски. ад/аа/

Back to top button
Close
Close