Дописници СветСвет

Во Вашингтон акција против економската нееднаквост и за повеќе права на сиромашните

Во Вашингтон денеска се одржува масовната акција Собир на сиромашните луѓе и марш на моралот, планирана уште од лани, пред бранот протести против расизмот и ксенофобијата кај полициските служби што ги зафати САД изминативе три недели.

Вашингтон 20 јуни 2020 (МИА) – Во Вашингтон денеска се одржува масовната акција Собир на сиромашните луѓе и марш на моралот, планирана уште од лани, пред бранот протести против расизмот и ксенофобијата кај полициските служби што ги зафати САД изминативе три недели.

Акцијата беше планирана да се одвива на главната авенија и алејата пред споменикот на Вашингтон. Но поради пандемијата учесниците од разни етникуми, како домородни Индијанци, Афроамериканци, Јужноамериканци, други доселеници и белци, се вклучија дигитално.

На виртуелната платформа денеска тие во текот на целиот ден сведочат за нивните искуства да се живее во сиромаштија и да се биде објект на дискриминација поради бојата на кожата, социјалниот статус, националноста или сексуалната ориентација.

Акцијата е организирана од Кампањата на сиромашните луѓе, национална група за обединување на сиромашните заедници во САД. Еден од лидерите на групата е свештеникот Вилијам Барбер втори.

Групата повикува на окончување на економската нееднаквост во САД и ангажман на власта со оданочување на ултра богатите корпорации и поединци за обезбедување поправеден социјален систем со еднакви права за економски просперитет, здравствена заштита, школување и работа за сиромашните.

Настанот се одржува истовремено со големиот предизборен митинг на американскиот претседател Доналд Трамп во Тулса, Оклахома.

Трамп првин најави дека митингот ќе се одржи на 19 јуни, дата кога Афроамериканската заедница во САД го одбележува укинувањето на ропството во САД. Но по гласните критики во јавноста поради одбраната дата и место на митингот (во Тулса во 1921 година се случил еден од најстрашните масакри на белци врз Афроамериканци, кога биле убиени повеќе од 300 луѓе), кампањата на Трамп го помести одржувањето на митингот за ден подоцна.

Од Кампањата на сиромашните луѓе изјавија дека тие ја одбрале оваа дата затоа што не сакале „да помине уште еден изборен циклус без да се стават сиромаштијата и пропратните неправди во центарот на политичкиот дискурс“. кб/

Таг
Back to top button
Close
Close