0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Во тек реконструкцијата на дел од улицата „Маршал Тито“ во Делчево

Започна реконструкцијата на дел од улицата „Маршал Тито“ во Делчево. Од општина Делчево информираа дека улицата ќе се реконструира во должина од 743 метри.

Делчево, 15 мај 2020 (МИА) – Започна реконструкцијата на дел од улицата „Маршал Тито“ во Делчево. Од општина Делчево информираа дека улицата ќе се реконструира во должина од 743 метри.

-Се работи за улица која е главен сообраќаен крвоток во градот. Реконструкцијата започна со поставување потпорни ѕидови на пропустите, а истата ќе се реконструира на потегот од касарната до Таушанското Маало. Со оваа реконструкција се решава уште една критична точка на главната и најдолгата сообраќајница во Делчево која го поврзува центарот на градот со населбата Таушанско Маало, односно Стрелиште, информираа од Општината.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој изврши увид во градежните работи, истакна дека се работи за голем инфраструктурен проект, кој по многу нешта значаен за граѓаните на Делчево.
-Преку проектната единица на Министерство за финансии и проектот за подобрување на општинските услуги МСИП финансиран преку Светска Банка, Општина Делчево доби средства за под-заем од 32,2 милиони денари за реализација на проектот „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево” што подразбира, реконструкцијата на улица „Маршал Тито“ со должина од 743 метри, реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ со должина од 599 метри, и изградба на комплетно нова улица во населбата СРЦ улицата бр. 7, рече Трајковски
Како што додаде со проектот ќе се реконструираат вкупно 1,3 километри локални улици, а ќе биде изградена комплетно нова улица во должина од 290 метри.
-Целта на овој проект е подобрување на квалитетот на животот на локалното население од овие улици, но воедно и на сите жители на општина Делчево. Градежните работи за изградба на овие три улици ќе завршат до март 2021 година, а изведувач на работите е фирмата АД „Илинден“ од Струга, додаде Трајковски.
Додека траат градежните работи како што дополнија од општината, ќе се применува посебен сообраќаен режим, поради што апелираа до возачите да ги почитуваат сообраќајните знаци и со одговорно однесување да придонесат за непречено одвивање на градежните работи. вс/сст/

Back to top button
Close
Close