Дописници МКДОпштински вести

Во тек берба на слива во Пијанец

Во тек бербата на слива во Пијанец. На повеќе приватни насади денес видливо беше присуството на овоштари, кои со тракторски приколки го складираа родот за кој велат дека годинава задоволува.

Делчево, 6 септември 2020 (МИА) – Во тек бербата на слива во Пијанец. На повеќе приватни насади денес видливо беше присуството на овоштари, кои со тракторски приколки го складираа родот за кој велат дека годинава задоволува.

– Навистина сливата не била со ваков добар квалитет одамна. Можеби слично беше во 2017 година, но сега сме позадоволни. Ако од 2013 до 2016 година константно сливата измрзнуваше во зимските месеци, сега тоа не е случај што е добро за сите кои имаат сливови насади, велат овоштари кои ги затекнавме на нивите.

За цената велат дека секој се снаоѓа како знае и умее и сè зависи од добрата волја на купувачите.

– Добро е што има шлепери доаѓаат секој ден трговци и прекупци кои ја диктираат цената. Најмногу што може да се добие е 10 денари за килограм но тоа е реткост. Средна или нормална цена според нивните процени е 7-8 денари за килограм, заради што толку и се плаќа, додаваат сопствениците на овошни насади.

Одредени овоштари како што самите велат се соочуваат со недостиг од работна рака.

– Нема веќе работни млади луѓе кои сакаат да заработат некој денар. Иако дневно може да се заработи до 700 денари за 5-6 часа работа сепак нема интерес. Ќе мора да ангажираме роднини и пријатели за да го собереме родот, вели овоштар од Делчево.

Модрата слива е најзастапена овошна култура во Пијанец. Во најдобрите години овоштарите кои имаат поголема хектаража сливови насади, велат дека заработувале и до 15.000 евра чиста заработувачка. Годинава доколку не се собере навреме, родот најверојатно ќе заврши во вреќи, за што веќе приватниците излегоа со цена за откуп. вс/ир

Back to top button
Close
Close