Дописници МКДОпштински вести

Во Струмица ќе се отвори Советувалиште за жртви на семејно и родово базирано насилство

Од средината на идниот месец во Струмица ќе се отвори Советувалиште за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство.

Струмица, 10 јуни 2021 (МИА) – Од средината на идниот месец во Струмица ќе се отвори Советувалиште за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство.

Според Здружението „Скај плус“, по Скопје, и во Струмица и Штип ќе се отворат такви советувалишта.

– Сите жртви кои бараат помош и поддршка од општествени чинители не треба секогаш да завршуваат во шелтер центри, кадешто се згрижуваат само они на кои им е загрозена безбедноста по животот и здравјето, вели Стојне Митева од „Скај плус“.

Услугите на Советувалиштето можат да ги користат сите лица кои биле жртви на семејно насилство, а тимовите се обучени и за работа со деца.

– Советувалиштето ќе овозможува целосно психо-социјална поддршка на жртвите, како што е излегување од насилната средина, закрепнување, социјализација и секако, нов почеток. Во стручниот тим ќе работат двајца терапевти, координатор кој ќе ја координара работата на Советувалиштето и по еден психолог и социјален работник, додаде Митева.

Просторијата во која ќе биде сместено Советувалиштето ја обезбедува Општина Струмица.

Советувалиштето го отвора Асоцијацијата „Хера“ со поддршка на Здружението „Скај плус“ и Општина Струмица. рт/ар/

Таг
Back to top button
Close
Close