Дописници МКДКултураКултура.Портал

Во Стоби ќе започнат археолошките истражувања

Во моментов на Археолошкиот локалитет Стоби се работи на расчистување на работите на терен и подготовка за овогодинашната програма на Националната установа „Стоби“.

Велес, 10 јуни 2021 (МИА) – Во моментов на Археолошкиот локалитет Стоби се работи на расчистување на работите на терен и подготовка за овогодинашната програма на Националната установа „Стоби“.

Програмата на Националната установа „Стоби“ за 2021 година опфаќа 17 проекти, од кои 11 директно се однесуваат на истражување и заштита на движното и недвижното културно наследство, три проекти во областа на музејска дејност и заштита на нематеријално културно наследство, еден проект во областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, еден проект во областа на инвестиционото и тековно оддржување на објектите и опремата во државна сопственост од областа на културата и еден проект во областа на меѓународната дејност и истите ќе бидат финансирани од Министерството за култура, во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2021 година.

– За овие проекти „Стоби“ треба да ги добие одобрените 10 милиони денари, што е повеќе од ланските 9 милиони и 186 илјади денари, информира за МИА Спасе Перовски директор на НУ „Стоби“.

Тој информира дека во почетна фаза на реализација се два големи меѓународни проекти – Проектот „Соработка за имерсивно раскажување и десиминација на културното наследство во Западен Балкан“, во соработка со седум организации од пет држави од Западен Балкан, поддржан од програмата на Креативна Европа и Проектот „Европски минати и идни културни вредности“, во соработка со Република Грција, поддржан од ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ.

Нагласи дека и оваа година најголем акцент ќе стават на истражувањето и заштитата на движното и недвижното културно наследство.

– Поради тоа во нашата програма за 2021 година зацртавме дури 11 проекти, целосна посветеност и работа на терен, информира Перовски.

Тој рече дека во 2020 година започнале со конзервација на ѕидовите од горниот дел на гледалиштето на античкиот театар во Стоби, а најави дека ќе продолжат и оваа година.

– Паралелно со конзервацијата ќе се изведуваат археолошки истражувања во коридорите со цел да се дефинира системот за циркулација на публиката. Ќе продолжиме и со конзервација на мермерните елементи. Целта е кога ќе биде комплетиран проектот да се остави можност за анастилоза, односно враќање на столбовите и епистилот на предниот дел од сценската зграда, на театарот во Стоби, појасни Перовски.

Во однос на гледалиштето на театарот, во периодот од 2013 до 2019 година беа реставрирани лежиштата за седишта во источната половина на долниот дел од гледалиштето.

– Ние сме подготвени и со готов проект за реконструкција со мермерни седишта на гледалиштето, по аналогија од западната сочувана половина. Сепак, за мермерните седишта се потребни големи финансиски средства кои би требало да дојдат како капитална инвестиција на Владата во заштитата на културното наследство, најави Перовски.

Најави дека имаат во план да вработат и поголем број на водичи со цел Археолошкиот локалитет Стоби без проблем да работи и за време на викендите кога има и најголем број на посетители.

– Годинава се надеваме на подобри времиња и надминување на пандемијата, за успешно реализирање на зацртаните меѓународни проекти. Сепак и оваа година летни школи во Стоби нема да се одржат, појасни Перовски. ад/мс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close