Дописници МКДОпштински вести

Во Прилепско први мобилни социјални тимови

Во Прилеп ќе почне проект со мобилни тимови во населените места кои на жителите ќе им нудат информации, но и како да дојдат до социјалните услуги кои законски им припаѓаат.

Прилеп, 12 јуни 2021 (МИА) – Во Прилеп ќе почне проект со мобилни тимови во населените места кои на жителите ќе им нудат информации, но и како да дојдат до социјалните услуги кои законски им припаѓаат.

Ова е единствен проект во земјава за еднаквост на жителите, а е според европските практики. Прилепскиот Центар за социјални работи го спроведува во соработка со невладината „ЛАГ-Агролидер“, а со финансиска поддршка на Република Австрија.

Според Дејан Тошески, директор на прилепскиот Центар за социјални работи, проектот е од посебна важност, зашто центарот нема ресурси да ги покрива сите, околу 80 населени места.

– Неколку млади лица ќе бидат работно ангажирани како практиканти. Зборуваме за високообразовани профили: социолози, правници, психолози, педагози. Ќе бидат обучени во Центарот за социјални работи за да ги научат сите права и услуги кои ние ги нудиме и ќе бидат вклучени во мобилни тимови, кои заедно со стручни социјални работници од Центарот, ќе ги опслужуваат граѓаните од руралните средини. Значи, институциите да ги донесеме поблиску до граѓаните. Ние ги покриваме општините Прилеп, Кривогаштани, Долнени. Реално, со ресурсите кои ги имаме, многу е тешко да се стигне до најоддалечените населени места, а уште потешко е жителите да дојдат тука. И не секогаш информациите стасуваат до нив. Наше е со мобилните тимови да се потрудиме да бидат информирани и да ги добијат услугите, дали е тоа семејно насилство, потреба од социјална помош, објаснува Тошески.

Марина Тошеска, претседател на невладината „ЛАГ-Агролидер“, посочува дека во време на пандемија посетиле 400 домаќинства во руралните средини, а најголем проблем е пристапот до информации. Мобилните тимови се вистинско решение и ќе им помогнат и во можностите за вработување.

– Споделувањето на добрите практики од земјите на ЕУ е од особено значење, посебно од Република Австрија која е водечка со системот на социјална заштита. Во Австрија 77 организации работата во мрежата на социјалната заштита во земјата. Истражувавме на теренот во руралните средини и за време на пандемијата успеавме да посетиме 400 семејства и дојдовме до сознанието дека им е голем проблем непристапот до информации. Преку високообразованите тимови, обучени со сето што го нуди системот за социјална заштита, би сакале ем да пренесеме информации, не само да ги користат мерките од Законот за социјална заштита, но и да се информираат како може да се вработат, да бидат активни носители на промени, да може да обезбедат и економски профит, а социјално најранливите како да пристапат да добијат детски додаток, социјална помош, помош за заштита. Планираме да ангажираме три тимови кои секојдневно ќе посетуваат по едно населено место. Многу се во регионот на Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Очекуваме соработка од локалните самоуправи, вели Тошеска.

Проектот ќе биде 18 месеци. Стручни тимови од Австрија ќе направат темелна анализа каде е најпотребна помошта, што недостасува во протокот на информации.

Австрија е лидер во земјите на ЕУ во системот за социјална заштита. Но и таму се соочуваат со слични проблеми кои ги решаваат на теренот.

Харалд Фугер, аташе на Министерството за социјални политики, грижа и заштита на потрошувачи на Република Австрија кој ја следи состојбата за овој и за другите два проекти финансирани од владата на Австрија, вели дека тимовите се многу битна работа, зашто жителите не мора да доаѓаат во институцијата и да се срамат да кажат дека се сиромашни.

– Сите земји во ЕУ се соочивме со пандемијата и со ограниченото движење. Протокот на информации во руралните средини беше многу тежок секаде. Овој трет проект е од особено значење и значи за еднаквиот пристап до информациите на сите на кои им се најпотребни во руралните средини. Мобилните тимови се од особена важност зашто лицата не мора да дојдат во институциите и да се срамат да кажат дека се сиромашни. Тимовите ќе одат во нивните домови и слободно тие ќе ги искажат своите потреби, вели Фугер.

Два проекта, финансирани од Владата на Австрија се во тек.

– Моментално работиме на два проекта, финансирани од Република Австрија. Едниот е пилотирање за услуги за вработување на млади лица. Веќе имаме извршено доквалификација, преквалификација на работните вештини на околу 30 млади лица од социјално ранливите категории, а седум од нив веќе се во работен однос. Самата замисла на социјалната реформа во државава со новиот закон од 2019 година е да го прекинеме генерациското користење на социјалната парична помош. На овој начин им помагаме на младите луѓе да ги извадиме од сиромаштија, да ги вклучиме во формалната економија и со сопствениот труд да почнат да заработуваат. Вториот проект се однесува на народната кујна, зашто ние, како институција сме задолжени за тоа. Народната кујна е во старскиот дом „Киро Крстески Платник“. Дневно се приготвуваат околу 100 оброци за корисници на гарантирана минимална социјална помош. Во соработка со „ЛАГ-Агролидер“, од нив 25 оброци се доставуваат до домовите на корисниците, а нашата интенција е сите 100 оброци да се доставуваат до домовите. Ова најмногу да не ги изложуваме штитениците на домот на дополнителна здравствена опасност, а корисниците на народната кујна да не ги изложуваме на дополнителен трошок. Кујната функционира и во време на пандемијата и им се даваа оброци за четири дена. Започна во почетокот на април. Доставувањето е со електрични велосипеди и ги користиме европските практики, објаснува Тошески.ем/ир

Back to top button
Close
Close