Дописници МКДОпштински вести

Во Прилеп се зголемува бројот на новозаразени од Ковид-19, активиран оддел во болницата

Поради порастот на новозаразени од Ковид-19 што во просек дневно е по триесетина пациенти, активиран е ковид-одделот на ушното одделение во прилепската болница. Во моментов се хоспитализирани 34 пациенти, дел се на Инфективното, дел во ковид-одделот. Околу 70 отсто од хоспитализираните се на кислородна поддршка, а најтешка е ситуацијата кај постарите лица со коморбидитети.

Прилеп, 17 февруари 2021 (МИА) – Поради порастот на новозаразени од Ковид-19 што во просек дневно е по триесетина пациенти, активиран е ковид-одделот на ушното одделение во прилепската болница. Во моментов се хоспитализирани 34 пациенти, дел се на Инфективното, дел во ковид-одделот. Околу 70 отсто од хоспитализираните се на кислородна поддршка, а најтешка е ситуацијата кај постарите лица со коморбидитети.

Според Драган Богојески, в.д. директор на општата болница со проширена надлежност, има 16 слободни кревети, но ако е потребно, во приправност е одделот на интерното одделение.

-Не знам што се случува во Прилеп, големите бројки повторно се во градот. Има сѐ повеќе пациенти кои имаат потреба од болничко лекување. Очекувавме некое зголемување, за што го оставивме ковид-одделот на ушното одделение „на чекање“ и поради зголемениот прилив на пациенти, се активира овој ковид-оддел. Во моментов има 34 хоспитализирани пациенти, дел се на Инфективното, дел во ковид одделот на ушното одделение. Сѐ уште има 16 слободни лежечки места и доколку и тоа се пополни, сметаме да го активираме одделот на интерното одделение каде најмногу одговара поради лекарите-специјалисти интернисти за да помагаат во одредени случаи и да дадат конзилијарно мислење за лекувањето. Околу 70 насто од пациентите се на кислородна поддршка, вели Богојески.

Според Богојески, ваквата ситуација главно се должи на опуштеноста кај граѓаните, групирањата без здравствена опрема. Освен фамилијарни има кластери и во фирмите. Нема нова симптоматологија иако е констатиран новиот „британски сој“ кој побрзо се шири.

Најмногу се должи на групирањето, собирањето на граѓаните. Не е пресуден новиот, „британскиот сој“ на коронавирусот. Главно кластерите се фамилијарни, а имаме појава и во работни организации. Веројатно луѓето се олабавија и мислам поголемото меѓусебно дружење, заедничко седење без заштитни средства е причината за ова извесно покачување. Не е како што беше при големиот пик октомври-ноември, но е благ пораст, сепак. Клиничката слика не отстапува од досегашната. Исто така, пак се присутни потешки случаи кај повозрасната популација со коморбидитети. Нема некои нови симптоми и разлики во симптоматологијата, објаснува Богојески.

Модуларната болница сѐ уште не е готова и е со капацитет од триесетина пациенти, иако 70 отсто од работите се завршени.

-Се спроведуваат инсталациите за водовод, одвод, а потоа и за електрична енергија и опремувањето со рентген, лабараторија и друга опрема. Можеби ќе треба уште еден месец, вели Богојески.

Инаку, преку 400 прилепски здравствени работници се пријавија за вакцинација. Од Здравствениот дом чекаат упатства по почетокот на имунизацијата во Скопје.

Според прилепскиот Центар за јавно здравје, за една недела, од 8 до 14 февруари имало 198 нови случаи, а починале четири лица. Само вчера се регистрирани 41-едно новозаразено лице. Ем/ев/

 

Back to top button
Close
Close