Дописници МКДОпштински вести

Во Прилеп одбележан Меѓународниот ден на заболување на црниот дроб

Со здравствени препораки и делење флаери, здружението Сочувај, лекувај асоцијација на заболувањата на црниот дроб“ - СЛАП со седиште во Прилеп го одбележува меѓународниот ден на НАСХ, 10 јуни, заболување кое што претставува неалкохолно замастување на црниот дроб.

Прилеп, 11 јуни 2021 (МИА) – Со здравствени препораки и делење флаери, здружението Сочувај, лекувај асоцијација на заболувањата на црниот дроб“ – СЛАП со седиште во Прилеп го одбележува Меѓународниот ден на НАСХ, 10 јуни, заболување кое што претставува неалкохолно замастување на црниот дроб.

Според Билјана Мирческа, претседателка на здружението, ситуацијата со заболени во нашата земја не е многу поразлична од состојбата во светот, меѓутоа официјални статистички податоци се уште нема, но се претпоставува дека бројот е голем, дури и кај мали деца зашто е голем синдромот на дебелеење.

– Бидејки самото заболување  го афектира црниот дроб најмногу поради нездравиот начин на живот и пациентите со дијабетес, кои според официјалната статистика во Македонија во 2016 година изнесувал над 120 илјади, а околу 40 илјади се зависни од инсулинска терапија, може да претпоставиме дека бројот на заболени од НАСХ е далеку поголем. Загрижувачки е тоа што НАСХ се дијагностицира и кај мали деца, во се поголем број во последните години. Тоа се должи на фактот што се поголем процент од населението и малите деца имаат синдром на дебелеење.  Сепак самиот процес за поставување на дијагноза е тежок, првенствено поради тоа што заболувањето не се манифестира со специфични симптоми, но и поради немање здравствена култура кај населението за навремено и редовно испитување на црнодробните ензими, вели Мирческа.

Од здружението сметаат дека пандемијата придонесе бројот на заболени да се зголеми.

– Моменталната ситуација со пандемијата дополнително придонесува да бројот на заболени со НАСХ се зголемува. Луѓето немаат речиси никаква физичка активност, се хранат нездраво и многу обилно. Македонската традиционална кујна вклучува и многу продукти кои се штетни за црниот дроб, вели Мирческа.

Најбитно е подигнувањето на свеста кај населението, но и кај здравствените работници за да се посвети поголемо внимание на здравјето на црниот дроб.

– Со повеќе активности се трудиме да ја подигнеме свеста кај населението за постоењето на оваа болест за која многу малку се знае. Повикуваме и лекарите да посветат поголемо внимание на здравјето на црниот дроб, бидејќи заболувањата тешко се дијагностицираат, тешко се превенираат поради недостиг на свесност кај луѓето, а уште потешко се лекуваат. Затоа повикуваме сите да ја зголемат свеста за начинот на своето однесување и да внимаваат повеќе на своето здравје и здравјето на црниот дроб, порачува Мирческа од здружението СЛАП.

Минатата година, за прв пат во Македонија, беше одбележан Светскиот НАСХ-ден со поддршка од „Глобал ливер институт“. Во активностите беше опфатена прошетка низ шума, а така ќе биде и годинава, со поголем интерес на учениците од основните училишта. ем/аа/

Таг
Back to top button
Close
Close