Дописници МКДОпштински вести

Во прекин имунизацијата во Кичево поради недостиг од вакцини 

Граѓаните на Кичево на возраст од 73 и 74 години кои се на ред за имунизација, поради недостиг од вакцини ќе мора да почекаат додека не пристигне новата количина вакцини кон крајот на месецов. 

Кичево, 23 април 2021 (МИА) – Граѓаните на Кичево на возраст од 73 и 74 години кои се на ред за имунизација, поради недостиг од вакцини ќе мора да почекаат додека не пристигне новата количина вакцини кон крајот на месецов.

Доктор Неџат Балажи од Општата болница во Кичево потврди дека од вчера граѓаните на возраст од 73 и 74 години кои досега не се вакцинираа, ќе мора да почекаат за да пристигне нова количина вакцини, кои ќе бидат распределени по здравствените домови низ државата. Според најавите, новите вакцини со кои ќе продолжи имунизацијата треба да се очекуваат кон крајот од месецов.

-Откако во изминатиот период се потрошија сите 600 вакцини на „Астра Зенека“ кои беа наменети за Здравствениот дом Кичево, поради немање нови количества вакцинацијата моментално е во прекин и според најавите од Министерството за здравство се очекува со пристигнувањето на кинеските вакцини „Синофарм“ да продолжи вакцинацијата на граѓаните од 73 и 74 години и помлади, вели доктор Балажи и додаде дека моментално во модуларниот ковид – центар во Кичево хоспитализирани се 35 пациенти, главно со полесна клиничка слика, додека еден пациент поради влошена здравствена состојба упатен е во Градската болница „8 Септември“ во Скопје.

Тој посочи дека од 36 хоспитализирани пациенти, поради подобрена здравствена состојба, можно е барем десетина за ден или два да ја напуштат болницата и бројката на хоспитализирани да се намали.

Што се однесува до бројот на тестирани и позитивни случаи, во текот на денешниот ден од 24 тестирани седум се позитивни, додека од 36 лица кои извршиле контрола на рендген, само кај тројца состојбата е нешто посериозна.

Докторот се пожали и на недостиг од тестови  во кичевската Општа болница, што  го забавува дијагностицирањето на заболените од Ковид-19.

-Покрај недостатигот од вакцини за континуирана вакцинација, деновиве наидуваме на уште еден проблем, а тоа е недостигот од тестови. До кога ќе имаме дефицит од тестови не можам да потврдам, но да се надеваме дека наредната недела и овој проблем ќе биде надминат, додаде д-р Балажи. за/рп/

Back to top button
Close
Close