Дописници МКДОпштински вести

Во пораст бројот на заболени од карцином во кочанскиот регион

Зголемување на бројот на лица со канцерогени заболувања во текот на 2020 година регистрирал Центарот за јавно здравје од Кочани, во споредба претходниот едногодишен период.

Кочани, 4 февруари 2021 (МИА) – Зголемување на бројот на лица со канцерогени заболувања во текот на 2020 година регистрирал Центарот за јавно здравје од Кочани, во споредба претходниот едногодишен период.

Забележан е пораст на заболени од рак на грлото на матката, при што се намалува и старосната граница, односно регистрирани се пациентки и на 25-годишна возраст. Тренд на зголемување има и кај другите видови карциноми, а само во првата половина на 2020 година во Центарот се евидентирани 802 лица со малигни неоплазми.

– До средината на минатата година откриени се десет новозаболени со карцином на дебело црево, од кои во Кочани се тројца, во Виница двајца, а останатите се во другите помали општини од регионот. Карактеристично е што поголем број од овие лица се мажи. Во истиот период, карцином на дојка е регистриран кај осум пациентки, што е една третина со вкупно откриените една година порано, се истакнува во известувањето од Центарот за јавно здравје – Кочани.

Од кочанската подружница на Здружението за борба против рак на дојка „Борка за секој нов ден“ информираа дека и покрај актуелната здравствена криза со Ковид-19, ќе го одбележат 4 февруари – Светскиот ден за борба против карцином.

– Слично како и минатата, и оваа година нема да се одржи традиционалната „Розова прошетка“, но наместо тоа ќе се вклучиме во европската кампања за борба против рак на дојка, што се одржува онлајн. Планирани се и предавања за подигање на јавната свест кај мажите за борба против карцином на простата, што како болест бележи пораст од година во година. Исто така, од Министерството за здравство бараме на позитивната листа да стави нови терапии за канцерогени заболувања, како и перики и ракавици, како помагала за заболените лица, истакна Валентина Андонова, координаторка на здружението „Борка“ во Кочани.

Таа ја нагласи одличната соработка и поддршката од Општина Кочани, како и од Општата болница со проширена дејност, пред сè во превенцијата и раното откривање на карциномите, што е од суштинско значење за лекување на заболувањата. та/ев/

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close