Дописници МКДОпштество

Во пехчевско Негрево одбележан Меѓународниот ден на пчелата

 Во организација на Амбасадата на Република Словенија, општина Пехчево, Едукативниот Центар за зачувување на природата и Јадрената група на пчелари од Брегалничкиот регион „Меден Исток“, во пехчевското село Негрево се одбележа Меѓународниот ден на пчелата. Амбасадорот на Словенија, Милан Предан истакна дека многу земји денешниот ден го користат не само да зборуваат за пчелите туку и за заштитата на природата која во денешно време е мошне загрозена како од луѓето така и од климатските промени.

Пехчево, 26 мај 2021 (МИА) – Во организација на Амбасадата на Република Словенија, општина Пехчево, Едукативниот Центар за зачувување на природата и Јадрената група на пчелари од Брегалничкиот регион „Меден Исток“, во пехчевското село Негрево се одбележа Меѓународниот ден на пчелата. Амбасадорот на Словенија, Милан Предан истакна дека многу земји денешниот ден го користат не само да зборуваат за пчелите туку и за заштитата на природата која во денешно време е мошне загрозена како од луѓето така и од климатските промени.
-Така беше и на денешниот ден во Пехчево, тоа беше и целта кога се боревме 20 мај да биде Меѓународен ден на пчелите, тоа да биде еден наш придонес во заштитата на природата, да се поттикнат луѓето да се грижат за природата. Што се однесува до пчеларството во Словенија, знaете дека тоа е многу развиено, по бројот на пчелари нa 1000 жители Словенија е на врвот во Европската Унија, има се повеќе пчелари и тоа една лукративна индустрија во која не е само медот во прашање, туку и многу други производи, рече Предан.
Словенскиот амбасадор додаде дека целта е ваквите иницијативи и во Македонија да се искористат што е можно подобро, напоменувајки го филмот Медена Земја како најголем промотор на македонското пчеларство во светот.
Надоврзувајки се на Медена Земја и хероината Атиџе Муратова, резидентниот координатор на ООН во Република Северна Македонија, Росана Дудзијак пред присутните додаде дека тој став кон природата,  „половина за мене, половина за нив“  ја укажува важноста на балансот помеѓу човештвото и природата , напоменувајки дека пчелите преку производство на мед и други пчелни производи исто така можат да помогнат во справувањето со сиромаштијата и нееднаквоста.
-Пчелите се светските опрашувачи кои ги има во повеќе од 200,000 форми и големини и според Организацијата на Обединети нации за храна и земједелство (ФАО), три од четирите водечки култури на храна и повеќе од третина на земјоделското земјиште во светот зависат делумно токму од опрашувачите. Едноставно не може да се пренагласи колку зависиме од нив за храната која ја конзумираме за нашиот опстанок. Но, пчелите исто така може да помогнат во справувањето со сиромаштијата и нееднаквоста и за поттикнување на вработувањето во државата, рече Дудзијак.
Додаде дека Северна Македонија има одлична средина за производство на мед и други пчелни прозиводи, иако како и во останатиот дел од светот, приносите се намалени како резултат на климатските промени, комерцијалните монокултури од високи размери, како и од неодговорната употреба на пестициди .
-Според мојата информација во државата постојат над 6.000 фарми за пчелни одгледувалишта, ова се претежно семејни бизниси , за кои што изгледа дека интересот расте и кај помладите. Ова е многу убава вест, имајки во предвид дека и покрај трендовите за намалување на вработеноста, невработеноста кај младите, како и родовиот јаз остануваат релативно високи, додаде Дудзијак и дополни дека доколку се планира и подржува правилно, претприемништвото на младите и жените може да придонесе многу кон забрзување на развојот и инклузивниот напредок во државата.
Заменик министерот за земјоделие Трајан Димковски кој исто така беше дел од настанот дополни дека пчеларството во Македонија бележи тренд на зголемување и е гранка која има важен придонес во земјоделскиот сектор и во целокупното зачувување на животната средина .
-Согласно информациите од Платежната агенција, во 2020 година за мерките за пчеларство, поднесени се вкупно 5723 апликации за субвенции, што исто така претставува тренд на зголемување споредено со минатите години. Креиравме и мерка за подршка на руралната жена, па така и жените пчелари ќе можат да аплицират за нивните иновативни пчелни производи. Планирани се и мерки за подржување на иноваци во однос на пчелни производи, но и за развој на пчеларскиот туризам, како една од мерките за подобрување на условите за живот во руралните средини, рече Димковски.
Дополни дека Министерството за земјоделие преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството го поддржува засадувањето медоносни растенија (фацелија) со финансиска поддршка од 12.000 денари по хектар .
-Со ова им помагаме на пчеларите, а и на пчелите. Со одгледување на медоносна фацелија на пчелите ќе им обезбедиме континуирано снабдување со нектар. Со оглед на економската и стопанска важност која ја има пчеларството, воспоставивме две нови мерки и тоа ја покачивме субвенцијата за пчелно семејство од 600 на 800 денари и им овозможивме на пчеларите со 10 пчелни семејства да можат да се регистрираат и да аплицираат за добивање субвенци, додаде заменик министерот Димковски.
Домаќинот на настанот, градоначалникот на Пехчево Драган Тренчовски потенцираше дека пчелите во Малешевијата го даваат најдобриот планински и ливадски мед, а освен медот многу барани производи се и матичниот млеч и прополисот, како и другите пчелни производи. Ова според Тренчовски е од особено значење во прилог на брендирањето на локалните производи и според него во голема мера ќе придонесе при процесот за прогласување на Малешево за заштитен предел кој Општина Пехчево го отпочна со поддршка од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, заедно со Општина Берово, Министерството за животна средина и просторно планирање и Македонско еколошко друштво.
-Овој процес е многу важен не само за Малешевијата, туку и за државата и очекувам дека постапката наскоро ќе биде успешно завршена, со што ќе се даде посебен придонес кон зачувувањето на биолошката разновидност, но истовремено ќе биде од корист и за локалното население кое ќе има економски придобивки преку промоција и брендирање на локалните производи, вклучително и медот и пчелните производи, а исто така ќе се создадат услови и за други дополнителни активности кои ги овозможуваат заштитените подрачја, додаде Тренчовски.
Ванчо Кировски, претседател на Јадрената група пчелари „Меден Исток“ додаде дека се поголем е интересот од младите пчелари за вклучување во оваа гранка.
-Ние сме регионално здружение во кое 30 проценти се жени, 30 проценти млади, останатите се возрасни луѓе и сите мора да поминеме одредена едукација за одржливо пчеларење. Тоа значи дека не применуваме никакви хемикалии во текот на производството. Пчелариме исклучиво органски придржувајки се на упатствата од одредени институции. Отворени сме за нови наши членови, се поголем е интересот кај почетниците пчелар.
Пчеларството како што додаде претседателот на Јадрената група пчелари „Меден Исток“ годинава е на почеток, а кон крајот на летото пчеларите ќе имаат одредени показатели дали годината била добра. Временските прилики според него најмногу влијаат на квалитетот и квантитетот на производството и изрази очекување дека по минатогодишната лоша година пчеларите годинава ќе имаат добар принос. Настанот во пехчевското село Негрево заврши со засадување медоносни дрвја во кругот на Едукативниот центар за зачувување на природата. вс/са/

Back to top button
Close
Close