Дописници МКДОпштински вести

Во општина Зрновци почнува проект за селектирање на пластичниот отпад во земјоделството

Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ од Кочани и Општина Зрновци денеска потпишаа договор за реализација на проектот „Селектирај пластичен земјоделски отпад“, преку кој ќе се гради систем за правилно постапување и управување со отпадната пластика во земјоделството.

Кочани, 3 септември 2020 (МИА) – Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ од Кочани и Општина Зрновци денеска потпишаа договор за реализација на проектот „Селектирај пластичен земјоделски отпад“, преку кој ќе се гради систем за правилно постапување и управување со отпадната пластика во земјоделството.

Заедно со партнерската компанија „Екопроект-Ко“ ДОО од Кочани, ќе се работи на обезбедување потребни ресурси за собирање и селекција на пластичниот отпад од земјоделството, како и вклучување на најмалку десет отсто од земјоделците во општината да менаџираат со пластична отпадна амбалажа.

-Наша цел е да поставиме темели на еден поинаков третман на отпадот од земјоделството и да ја подигнеме свеста за здрава и чиста животна средина. Ја избравме токму општина Зрновци бидејќи станува збор за мала општина во која 90 отсто од населението се занимава со земјоделство, па резултатите можат лесно да се забележат и да се измерат. Очекуваме да бидат собрани и предадени на рециклирање 300 килограми пластичен отпад од земјоделството, истакна Ирена Мирчовска, координаторка на проектот.

По потпишувањето на договорот, на неколку локации во општината ќе бидат поставени посебни садови за одлагање на пластичниот отпад, а ќе се изработат и дистрибуираат флаери и постери со едукативна содржина, како и мапа со точна локација на собирните места.

До крајот на ноември годинава ќе се организираат најмалку пет средби со земјоделци на кои ќе се запознаат со штетното влијание на пластичниот отпад врз животната средина.

Реализацијата на проектот „Селектирај пластичен земјоделски отпад“ е со финансиска поддршка од Европската Унија. та/мд/

Back to top button
Close
Close